Шахпаска: Во Струмица го зголемуваме капацитетот на детските градинки за нови 362 места

од Nikola Popovski
225 прегледи

Денес министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, направи увид во градежните работи на две градинки во Струмица.

Во првата градинка, „Детска радост “ клон 2, доградени се 4 занимални за деца. Со оваа доградба, капацитетот на градинката ќе се зголеми за 55 деца, кои ќе бидат сместени во во две јаслени групи од 0 до 2 години, и две групи за деца од 2 до 4 години. Ова проширување се направи на вкупна површина од 164m2.

Втората градинка на која министерката направи увид е во финална фаза, со што наскоро 307 деца од општина Струмица ќе добијат нова детска градинка. Според новите просторни услови на оваа градинка се обезбедува и можност за реализација на концептот – учење преку игра.

Дечињата ќе бидат распоредени во 14 групи и 3 јаслени групи. Новата градинка претставува еколошки објект и во текот на изградбата беа имплементирани највисоките стандарди за енергетска ефикасност. Објектот за загревање ќе користи природен гас со што се намалуваат емисиите на CO2, а изграден е и систем на соларни панели. Таа е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка.

„Предучилишното образование претставува темелот за подготовка на учениците. Преку процес на игра, учење на основните елементарни принципи за однесување, социјализицаја, за дружење, за прифаќање на различностите. Истовремено работиме и на подобрување на професионалните капацитети на вработените во градинките преку обуки кои ги организира Министерството за труд и социјална политика заедно со нашите меѓународни партнери“, рече министерката Шахпаска.

„И понатаму ќе ги следиме потребите, ќе ги решаваме проблемите и ќе обезбедуваме соодветни услови за правилен раст и развој на децата од нашата општина“, изјави градоначалникот Коста Јаневски.

Со изградбата на нови градинки и со проширување на постоечките се овозможува пристап за што поголем број деца до квалитетна услуга што е цел на социјалната реформа што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика.

Слични содржини