Герасов за „Локално“: Положбата на рударите е на средно задоволително ниво

од Vladimir Zorba
507 прегледи

Генерална оценка на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство е дека иако е многу направено во однос на правата на рударите, има простор и за повеќе и за подобро.

Во разговор за „Локално“, претседателот на СИЕР, Игор Герасов објаснува дека покрај решавањето на некои горливи прашања во изминатите години,од особено значење за овие работници е подобрувањето на нивната материјална состојба.

„Сакам да посочам дека за разлика од претходниот период кога поради проблемите на ниво на целата индустрија платите на рударите беа нередовни, сега тоа веќе не е случај“, вели Герасов.

Според него, тие се покачени, па така на пример нето платата на вработените на надворешен коп (Мермерниот комбинат Прилеп) се движи од 30.000 до 42.000 денари, а на оние во подземен коп (рудникот Саса) достигнува и 60.000. денари. Како голема придобивка го посочува и бенифицираниот работен стаж.

„На една година стаж, рударите добиваат 18 месеци бенифиции. На овој начин, некојшто на пример има 25 години работен стаж, всушност има 40 години стаж“, вели Герасов.

Ваквите олеснувања според него се меѓу основните причини поради кои голем број од рударите кои порано работеа во рудниците во Србија сега се вратени дома, а во рудниците во државава повторно почнале да работат и младите кадри кои претходно заработката ја бараа во Италија.

Обележувањето на денот на рударите во нашата држава наметнува многу прашања, особено оние кои се однесуваат на условите во кои што овие лица работат, нивото на заштита на работа, степенот на почитување на нивните права. Како претседател на СИЕР, дали сметате дека можеме да бидеме задоволни од положбата на рударите?

– Фирмите кои стопанисуваат со рудниците кај нас се меѓународни корпорации. Степенот на запазување и вложување во здравјето и безбедноста на работниците е исклучително висок. Едукација за заштита при работа држиме и ние како Синдикат. Нашите претставници имаат право во секое време да извршат обиколка на рудникот за да проценат колкав е степенот на запазување на пропишаните норми и правила, а доколку нивните согледувања покажат дека тој не е на задоволително ниво имаат право да го сопрат работниот процес. Што се однесува до самата работа, секако дека не е лесна. Во државата имаме подземен и надземен коп.Рудникот Саса е со подземен коп и таму е секогаш потешко да се работи отколку во надземен коп каков што е Мермерниот комбинат Прилеп.Затоа и не е случаен фактот дека рударите во подземниот коп имаат 6 месеци бенифициран работен стаж, а оние во надземниот од 2 до 4 месеци. Што се однесува до работничките права, секако дека ние како Синдикат се бориме за нивно зголемување. Затоа, ако треба да ви одговорам со една реченица колку сме задоволни од положбата на рударите таа би била дека е на средно задоволително ниво. Секогаш може повеќе и подобро.

Имаше период кога нашите рудари, незадоволни пред се од материјалната состојба заминуваа на работа во рудниците во соседна Србија. Каква е сега ситуацијата?

-Тоа беше најмногу случај со рударите од Пробиштип ( рудниците Злетово и Тораница) кои не се синдикално организирани.Таму сега платите се попримамливи, поради што речиси сите се вратија.Генерално, во изминатиот период примањата на рударите се зголемија, па така сега нето платата на вработените на надворешен коп (Мермерниот комбинат Прилеп) се движи од 30.000 до 42.000 денари, а на оние во подземен коп (рудникот Саса) достигнува и 60.000. денари. Месечните плати на рударите во Пробиштип се нешто пониски, но тоа е незначителен процент.

Многу индустриски гранки имаат проблем со недостаток на кадар. Каква е состојбата во рударството и дали младите се заинтересирани за оваа професија?

-Логично дека во рудници работат најмногу лица од градовите (местата) каде што се наоѓаат тие ископи. Рудникот во Македонска Каменица порано имаше дефицит на кадар но сега тоа не е проблем бидејќи многу од оние кои претходно заминаа по работа во Италија сега се вратија.Во рудникот се вработени 720 лица, а дополнителна причина е и фактот дека речиси и нема друг избор на работно место во градот, освен во рудникот. Доволно кадар има и Мермерниот комбинат Прилеп каде има 400 вработени. Се вработуваат и млади, така да нема проблем од тој аспект.

Бенифицираниот стаж на рударите секогаш бил едно од најпотенцираните права. Каква е сега состојбата и дали сте задоволни од досега извојуваните придобивки?

– На една година стаж, рударите добиваат 18 месеци бенифиции. На овој начин, некој со на пример 25 години работен стаж има всушност 40. Сметам дека ова ги задоволува потребите на рударите со оглед на навистина тешкиот процес на работа на кој секојдневно се изложени.Во оваа насока имавме одредени проблеми со Мермерниот комбинат Прилеп, но пред десетина дена се реши откако потпишавме нов колективен договор.Со новото регулирање на систематизацијата на работните места бенифициран стаж повторно добија и оние кои претходно го изгубија. Секако дека тоа многу ќе им значи на тие луѓе, на нивните семејства.

Сакам да посочам дека за разлика од претходниот период кога поради проблемите на ниво на целата инустрија платите на рударите беа нередовни, сега тоа веќе не е случај. Во некои од рудниците ( Мермерен комбинат Припеп) тие се и покачени, а голема предност има и фактот дека пандемијата не само што немаше негативен ефект врз оваа гранка, туку во овој период беше зголемен обемот на работа.

К.В.С.

Слични содржини