Адора инженеринг, 19-годишнината од основањето на компанијата, ја одбележа со уште една нова донација. Овој пат, согласно условите на новото време во кое живееме, речиси година и пол на Ковид 19 криза и потребите на здравствените установи и на граѓаните, компанијата му подари автоматски хематолошки анализатор со петделна диференцијација на леукоцити на ЈЗУ Здравствен Дом во Радовиш. Со ова, Здравствен дом Радовиш е шестиот здравствен дом во државата од вкупно 36, во кој ќе биде инсталиран автоматски хематолошки анализатор со петделна диференцијација на леукоцити од светски познатиот производител Mindray.
Со инсталацијата на овој анализатор, хематологијата ќе биде издигната на највисоко ниво, на докторите ќе им се овозможи подетален увид во клиничката состојба на пациентите, полесно поставување на дијагноза, лекување и превентива, а на пациентите ќе им биде овозможена услуга која досега единствено можеле да ја добијат во Клиничкиот центар во Скопје и во Клиничките болници од јавниот и приватниот сектор. Со инсталацијата на овој анализатор со потполно нова технологија, се подобрува квалитетот на здравствените услуги, се зголемува довербата на пациентите во здравствениот систем, се олеснува нивниот живот поради скратување на времето за патување и намалување на трошоците.
Адора инженеринг како растеше во изминатите години, постојано инвестираше во градењето на подобро општество за сите, вложувајќи повеќе од 5 милиони евра во спортот, здравството, културата, образованието. Филантропската мисија на Адора, не само во Македонија, продолжи и во Србија, Златибор, каде што Адора Бизнис Групацијата и нејзината новоформирана компанија, претставник на српскиот пазар, Adora Living Solutions го градат станбено-деловниот комплекс „21st Century Zlatibor Residence, Spa & Wellness by Adora“. Фондациите „Новак Ѓоковиќ“ и „проф.д-р Ванчо Чифлиганец“ во заедничка хумана мисија, пролетва, отворија нова градинка во село Љубиш, во близина на Златибор и покажаа дека хуманоста нема граници.
Општествено-корпоративната традиција на Адора инженеринг стана препознатлив белег на компанијата, секогаш да враќа нешто назад во средините во кои има деловни активности.