Делчева – Диздаревиќ: Благодарение на дигитализацијата, конечно ни е овозможено теоријата да ја преточиме во пракса

од Vladimir Zorba
375 прегледи

За првпат материјалите за учење по македонски јазик за четврто одделение ќе бидат дигитализирани. Тоа значи дека многу различни содржини од програмското подрачје Јазик – граматичкиот дел, ќе бидат изучувани и совладани преку дигитални квизови, објаснува авторката на учебникот проф. д-р Јасмина Делчева – Диздаревиќ, пренесе МОН.

„Преку квизовите на учениците ќе им биде овозможено, сами да доаѓаат до точните решенија. Веќе подолго време педагошката теорија ни зборува за предностите и придобивките на програмираната настава. До сега, немавме начин теоријата да ја преточиме во пракса. Денес, благодарение на дигитализацијата, тоа конечно ни е овозможено, вели Делчева – Диздаревиќ.

Според авторката важно е да се напомене дека при изработката на материјалот за учење се водеше грижа за трите принципи на која се заснова новата Концепција за основно образование, а тие се: инклузивност, родова рамноправност и интеркултурност.

„Сите овие принципи се присутни низ содржините и особено во илустрациите, каде во ниеден момент не може да се забележи било каква дискриминација по ниеден основ”, вели Делчева – Диздаревиќ.

Авторката потенцира дека за разлика од материјалите за прво одделение каде вниманието главно е насочено кон описменувањето, тука, во материјалите за четврто одделение се работи најмногу на логичкото и изразното читање.

„Учениците во овој период на нивното образование треба да го разбираат тоа што го читаат, а истото, потоа и убаво естетски да го прочитаат. Особено задоволство, но и голем предизвик беше и изборот на литературни и не литературни текстови, како составен дел од овие материјали. Целта беше да се компилира вреден фонд на литературни текстови што ќе им овозможи на учениците лесен и според нивната возраст и знаење достапен, пристап во светот на убавата литература. Текстовите се ставени во рамки што ќе овозможат интеракција. Целта е да се поттикнат учениците, да размислуваат и разговараат за тоа што ќе го прочитаат, а потоа, и самите да творат”, вели Делчева – Диздаревиќ.

Во согласност со потребите на современиот свет, во овие материјали акцентот е ставен и на медиумската култура и медиумската писменост. На оваа возраст учениците се спремни за посуштинско и попродлабочено читање и разбирање на информациите од медиумите. Развиена медиумска култура и медиумска писменост е неопходен предуслов за функционирање во современиот свет. Преку бројни активности кои го поттикнуваат логичкото размислување, учениците не само што подобро ќе ги разбираат информациите кои се насекаде околу нив, туку и ќе научат како да ги применуваат во секојдневниот живот, да изработуваат плакати и извештаи.

Слични содржини