САД ќе соработуваат со Талибанците доколку ги исполнат преземените обврски, изјави шефот на американската дипломатија, Ентони Блинкен, неколку часа по заминувањето на последните американски војници од Авганистан.
„Секоја фаза што ќе ја следиме нема да се базира на она што го вели талибанската влада, туку на она што го прави за да ги исполни своите обврски“, рече Блинкен.
Тој посочи дека новите господари на Авганистан треба да го „заслужат“ нивното барање за легитимитет и меѓународна помош.
„Талибанците сакаат легитимитет и меѓународна поддршка. Нашата порака е дека треба да се заслужи легитимитет и поддршка“, рече Блинкен.
Засега, САД го суспендираа своето дипломатско присуство во Авганистан и ги пренесоа операциите на амбасадата во Доха во Катар, објави и американскиот државен секретар, споменувајќи ја „неизвесната безбедносна средина и политичката ситуација“ во земјата.
Новата дипломатска мисија ќе ја предводи нов тим предводен од Јан Меккери, кој беше број два во американската амбасада во Кабул.
„Ќе ја искористиме канцеларијата во Доха за да ја спроведеме нашата дипломатија кон Авганистан“, особено кога станува збор за помош на преостанатите Американци, хуманитарна помош и дијалог со Талибанците, рече шефот на американската дипломатија.
Блинкен рече дека Вашингтон ќе продолжи да „им помага“ на Американците кои сакаат да го напуштат Авганистан по заминувањето на американските војници, и додаде дека меѓу 100 и 200 Американци се уште се во Авганистан. Околу 6.000 беа евакуирани со воздушен мост воспоставен на 14 август.