Д-р Даниловски: Популацијата на планетава не е веќе имунолошки „наивна”, со короната е завршено

од Nikola Popovski
333 прегледи

Проф. д-р Драган Даниловски во колумна посочува дека ако се случат дополнителни “епидемиолошки важни настани”, на овој бран може да се надоврзе есенско-зимски бран.

-Летниов бран стивнува. Ако се случат дополнителни “епидемиолошки важни настани” (така ги викаме стручно) – какви што се настава во живо во школите без тестирање два пати неделно на децата и наставниците со брзи тестови и ако останат невакцинирани членовите на повеќето нивни семејства, како и групирања во затворено понатаму во ладните денови – на овој бран може да се надоврзе есенско-зимски бран. Тогаш летно-есенско-зимската епидемиска крива ќе има облик на двогрба камила.

Но, тој нов бран не би требало да биде со висока амплитуда како сегашниов, затоа што веќе практично „догорува сѐ што беше за горење“. Нема да има веќе доволно гориво. Зошто? Бројот на заразени и вакцинирани сѐ повеќе се зголемува. Тие постепено ќе станат мнозинство, наведува Даниловски.

Тој смета дека после зимскиот „бран”, многу веројатно, ковидот ќе го имаме меѓу нас само како ендемска болест што ќе тлее и одвреме-навреме ќе избива во форма на локални „џепови“.

-Вакцинација ќе им треба само на високо ризичните граѓани. Дотогаш, постоечките вакцини сигурно ќе бидат „апдејтирани“ – прилагодени на делта. Сите други, вклучително и децата, природно ќе си го „билдаат“ имунитетот со повторувани контакти со вирусот (после прележување или вакцинирање) – при тоа поминувајќи без или со сосема лесни симптоми. И делта монструмот полека ќе се сведе на „скротен лав“- исто како што тоа се има случено со неговите сродници, четирите типови на корона вируси што предизвикуваат обична настинка, пишува Даниловски и додава:

-Независно од можната појава на било какви идни мутанти, малку е веројатно повторно да се појави пандемија! Популацијата на планетава не е веќе имунолошки “наивна”. Со короната е завршено…

Слични содржини