Николовски: Димитриевски сам се исклучи од СДСМ

од Nikola Popovski
295 прегледи

„Во бастионот на СДСМ, победничко Куманово, актуелниот градоначалник самиот отиде против себе, против СДСМ, против граѓаните, со што и самиот се исклучи од партијата“, вака попладнево генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски изјави дека партијата ќе „трча“ во градот со нов кандидат за градоначалник.

Потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски вчера изјави дека околу ситуацијата околу Куманово, таков предизвик во градот имало и во минатото.

-Секој како одговорен политичар носи одлуки, како и на кој начин ќе настапи во иднина. Мислам дека политичкото семејство е пред се. Смета дека интересот на градот и интересот на државата и взаемната политика на еден сериозен напредок, треба да бидат ѕвезда-водилка. Со таков концепт ќе настапиме и низ цела Македонија, рече Спасовски, гостувајќи во емисијата „Жешко политичко лето“.

Димитриевски пред неколку дена објави дека е започнат процесот за собирање потписи за неговата независна кандидатура.

-Ние сме соочени да се натпреваруваме со кој било останат кандидат од која било политичка партија или граѓанска опција, затоа што нудиме добри решенија за нашиот град, за нашите граѓани и повеќе од јасно е дека и анализите го потврдуваат тоа, потенцираше Димитриевски.

Тој посочи дека во ниту еден момент не го свртил грбот на социјалдемократската идеа, а најмалку на членовите на Социјалдемократскиот сојуз.

-Но, за жал исто така нема да дозволам и да бидам составен дел на одредени политички интриги на поединци во склопот на мојот политички субјект коишто извршуваат одговорни и политички функции. Затоа ја послушав иницијативата на граѓаните и денеска се одлучив на ваков потег. Се заблагодарувам на сите кумановчани коишто денеска дадоа масовна поддршка на една ваква иницијатива бидејќи сепак тие заслужуваат почит и признание, додаде Димитриевски.

СДСМ денес објави дека во Куманово ќе „трча“ со кандидатот Оливер Илиевски, кој е секретар на општинската организација на партијата.

Слични содржини