Во Тексас стапи на сила забраната за абортус по шестата недела од бременоста. Организациите кои се борат за правото на абортус се обидоа да го поништат овој ригорозен закон пред Врховниот суд, но највисокиот суд во САД го одби нивното барање.
Организациите кои се борат за правото на абортус велат дека 85 до 90 проценти од интервенциите се вршат по шестата недела од бременоста, што практично ќе значи дека многу клиники ќе треба да се затворат, пренесува Гласот на Америка.
Ваквата забрана не е донесена во ниту една држава од 1973 година, кога Врховниот суд го дозволи правото на абортус во случајот Ро против Вејд.
Законот во Тексас беше потпишан од гувернерот на 19 мај и досега не беше применет, бидејќи беше оспорен пред судовите. Покрај забраната за абортус по шестата недела, овој закон им дава можност на граѓаните да ги тужат клиниките што не го почитуваат, а за возврат тие можат да добијат до 10.000 долари на суд.
Застапниците на правото на абортус можат да побараат од судовите да ја испитаат уставноста на законот, бидејќи ниту еден суд досега не одлучил за тоа, вели професорот по право Стивен Владек.
Тексас е меѓу републиканските држави кои го забранија абортусот по принципот „чукање на срцето на бебето“, односно забранија да се изведува откако ќе се забележи феталната срцева активност – што често се случува пред жената да сфати дека е бремена.
Меѓутоа, судовите ја забранија примената на таквите забрани, а Врховниот суд допрва треба да донесе одлука за некои од нив – како што е барањето на државата Мисисипи за промена на пресудата за Ро против Вејд и забрана за абортус по 15 недели од бременост.