Партијата Левица го презентираше својот кандидат за градоначалник во општина Аеродром, а тоа е атлетичарката Весна Кираџиева.
-Весна Кираџиева е атлетска репрезентативка на Македонија повеќе од 20 години, поранешна рекордерка и шесткратна шампионка на Македонија во маратон. Дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност. Претседателка и тренерка на АК „Индјуренс“. Менаџер на социјални мрежи (Social media manager), дел од организациониот тим на „Виз Ер Скопски Маратон“, „Авицена Женска трка“, „Халк Еко Скопје Трча“. Поранешен волонтер во Центар за оспособување на деца со посебни потреби „Јанез Левец“ во Љубљана (Словенија).
Нејзината борба е насочена кон: чесна и некорумпирана работа; градење на мерит систем на база на квалитет и стручност, а против окупирање на институциите по основ на партиска, политичка, расна, национална или било каква друга определба; разумен урбанизам и стопирање на узурпирањето на просторот од урбаната мафија; афирмација на руралниот дел/населби во општината; еднакви можности за жените како дел од популацијата и унапредување на условите за живот на лицата (и децата) со посебни потреби, објави партијата на социјалните мрежи.
-Накратко би се опишала како лојална, борбена и креативна личност. Човек сум кој не се откажува од целите кои ќе ги постави пред себеси. Се борам за да оставам многу подобро утре за генерациите кои следат по нас.
Верувам дека секој еден од нас може да придонесе за градење на татковина во која ќе живееме достоинствено. Горд жител на Општина Аеродром, но воедно и револтирана од состојбата во која се наоѓа истата и решена да се вложам максимално за промени по мерка на народот кој живее во општината (и државата), изјавила Кираџиева по повод кандидатурата.