Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со Министерката за образование и наука Мила Царовска, Градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов, претставникот на АД Алкалоид Никола Ефтимов и директорката на Средното медицинско училиште на град Скопје „Д-р Панче Караѓозов”, денеска свечено ја презентираа парцијално дуалната паралелка „Фармацевтски техничар во фармацевтска индустрија“ во ова училиште.
Отворањето на новата паралелка, за која имаше огромен интерес и во која ќе учат 23 ученици е во рамки на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ на Министерството за образование и наука како одговор на потребите на стопанството, а воедно и како резултат на дефицитот на стручни работници во компаниите во национални рамки.
Во своето обраќање премиерот Заев истакна увереност дека вложувањето во средното стручно образование ќе резултира со создавање на нови и квалитетни образовни профили и ќе се ефектуира врз растот на националната економија и справување со проблемот на заминувањето на младите надвор од земјата.
„Со огромно задоволство можам да заклучам дека визијата на Владата и на Министерството за образование и наука се потврди како блиска и привлечна за младите кои многу бргу ја препознаа шансата. За ова зборуваат и бројките по завршувањето на двата уписни рока за оваа учебна година во средните училишта во Република Северна Македонија каде најголем број од запишаните ученици односно дури 64% го одбраа токму средното стручно образование“, рече премиерот Заев.
Премиерот ја поздрави визијата и претприемничкиот дух на компанијата АД Алкалоид која ќе обезбеди заштитна опрема, систематски прегледи, топол оброк и месечни стипендии од 3.000 денари за секој од овие ученици во текот на нивното школување.
Тој ги поздрави и напорите на наставниците за досегашното посветено спроведување на нивната благородна професија и максималната грижа за одржување на здравствените протоколи, а на учениците им посака успешна учебна година.
Во своето обраќање до присутните министерката за образование и наука Мила Царовска истакна дека со креирањето на кампањата „Учи паметно работи стручно“ Владата и Министерството за образовани е и наука силно се заложуваат за директно намалување на младинската невработеност во земјава.
„АД Алкалоид се вклучи во дијалогот кој како министерство го започнавме некаде на почетокот на оваа календарска година заедно со локалните самоуправи, стопанските комори и со бизнис заедницата, со цел, за прв пат заедно да утврдиме кои струки ни се потребни. Плод на тој заеднички труд е зголемен број на ученици кои се запишани во средно стручно образование и тоа за 6% повеќе во однос на минатата година и дури 1384 ученици запишани во 97 дуални паралелки во 44 училишта, а во соработка со 220 компании. Ги охрабрувам компаниите во Северна Македонија, да го следат примерот на оние кои се веќе вклучени, како што е вклучена и компанијата Алкалоид и од следната учебна година и тие да бидат дел од дуалното“, подвлече Царовска.
Градоначалникот Шилегов упати благодарност до АД Алкалоид како и до сите оние компании од различни струки кои во соработка со средните стручни училишта ја нудат можноста за реализацијата на практичната настава од областа на тие струки.
„Ова прашање нѐ засега сите и како институции, но и како луѓе пред се заради тоа што носиме одговорност пред нашите деца, пред младите луѓе, да им понудиме квалитетно образование кое ќе ја постигне примарна цел во креирање квалификуван и стручен кадар кој ќе одговара на потребите на пазарот на труд пред се во државата, но и пошироко“, подвлече Шилегов.
Претставникот на АД Алколоид и координаторот на проектот Никола Ефтимов истакна дека претставува голема чест за компанијата да се учествува во една ваква иницијатива за развој на млади кадри и додаде дека за учениците е многу важно да видат како со труд може да се има кариера во една од најдобрите компании која знае како да се грижи за своите вработени.
Директорката на Средното медицинско училиште на град Скопје „Д-р Панче Караѓозов“ Маја Салиу во своето обраќање укажа дека со отворањето на оваа нова парцијално дуална паралелка ќе се создаде нов образовен профил кој досега го немаше во државата.
На овој свечен настан во Средното медицинско училиште на град Скопје „Д-р Панче Караѓозов“ како претставника на АД Алкалоид во име на генералниот директор Живко Мукаетов присуствуваше и Милкица Глигорова, член на Управен одбор и директор за производство од фармација.