Штрковска-Колариќ од „Левица“ кандидатка за градоначалник на Кисела Вода

од Берта Китинска
393 прегледи

Партијата Левица ја промоцираше Јулијана Штрковска Колариќ како кандидатка за градоначалник на Кисела Вода.

„Накратко би се опишала како аналитична и вредна работничка, одговорен граѓанин, човек кој континуирано работи на сопствените квалитети, со храброст и желба за ослободување на општината и општесвото во кое живееме од окупацијата на клептократски власти, кои скоро 30 години ни ги уништуваат условите за живот. Посветена сопруга и мајка.

Во Скопје живеам од мојата 4-годишна возраст, а сите поголеми животни борби и успеси ги имам водено и доживеано како жител на мојата општина Кисела Вода, каде живеам повеќе од 26 години.

Магистер сум на економски науки при Универзитет Св. „Кирил и Методиј“, Економски факултет – Скопје (завршени додипломски студии на иситот факултет). Како овластен внатрешен ревизор со меѓународно признат сертификат. тековно сум вработена како внатрешен ревизор во ЈП Национална радиодифузија.

Претходно работно искуство имам во ЈП Македонска радиотелевизија, како сметководител, проектант, стручен соработник, заменик на помошник генерален директор за заеднички функции. Како советник – внатрешен ревизор работев и во Центар за управување со кризи. Избрана за првенец на генерација во СОУ „Кочо Рацин“ – Ѓорче Петров. Шампион во бодибилдинг во 1989 година и рекреативен планинар до денес. Посветена на доживотно учење и поборник на овој концепт.

Во политика решив да се активирам поради неодговорното, несовесното, неотчетното, незаконското, па дури и неуставно работење како на локално, така и на централно ниво, од страна на најголем дел од учесниците во политиката. Штетните политики имаат директно и погубно влијание врз животот на обичниот граѓанин. Верувам дека како народ можеме многу подобро да го градиме општеството во кое живееме и сметам дека сите храбри и чесни луѓе се должни да се вклучат во борбата и обидот да ги спречиме и замениме лошите практики со корисни.“, вели Штрковска-Колариќ.