„Сите показатели потврдуваат дека економските политики на Владата предводена од СДСМ ги даваат очекуваните резултати. Македонската економија излегува од кризата и се движи кон стабилни и поголеми стапки на раст, кон зголемување на економските активности и отворање на нови работни места“, соопшти денеска на прес Димитар Ковачевски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
„Стапката на невработеност денес изнесува15,9 отсто, што е историски најниско ниво. Стапката на невработеност во вториот квартал годинава е пониска за 4,8 отсто во однос на истиот период лани. Истовремено, стапката на вработеност има раст од 1,5 отсто во последните три квартали, односно расте со темпо како пред пандемијата“, тврди Ковачевски.
Уште една потврда за позитивните економски политики на СДСМ, вели тој, е намалувањето на државниот долг од 55,9 отсто од БДП на 52 отсто. Државниот долг е намален за 3,9 процентни поени во однос на 30 јуни годинава.