Канадскиот премиер Џастин Трудо бил погоден со чакал и камења од демонстранти за време на изборната кампања, пренесува Би-Би-Си.
Тој се враќал во својот автобус по посетата на пиварницата, кога бил погоден од камчиња, при што сепак не бил повреден.
Трудо распиша предвремени избори кон средината на август, со надеж дека неговата либерална партија со левичарска ориентација ќе формира мнозинска влада. Но, неговата кампања беше нарушена со протести против неговата идеја за воведување задолжителни вакцини против Ковид-19 и други ограничувања.
Пред нешто повеќе од една недела, премиерот мораше да го откаже изборниот митинг откако група демонстранти го прекинаа настанот.
Говорејќи пред новинарите во авионот по инцидентот во Лондон, во државата Онтарио, Трудо рече дека можеби бил удрен во рамото и го спореди инцидентот со тоа кога една жена фрлала со семки од тиква кон него.
Плановите на Трудо за задолжителна вакцинација станаа клучно прашање пред изборите на 20 септември.