ИНТЕРВЈУ со Касами: На никого нема да му дозволиме да се постави над волјата на гласачите, ќе го браниме секој глас

од desk4
632 прегледи

Претседателот на Движењето Беса, 46 годишниот тетовец Биљал Касами е кандидат за градоначалник на Тетово.  По професија е економист кој веднаш по завршувањето на економските студии на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ четири години работи во царинската управа, а потоа и како државен секретар во Министерството за економија. Паралелно со професиналниот ангажман, 20 години функционира и на политичката сцена.

Во интервју за „Локално“ вели дека проблемите на Тетово ќе ги решава со докажани европски практики. Посочува  дека градоначалничката кандидатура не е само негова волја, туку и на членството и на граѓаните, бидејќи на минатите локални избори „победата му била украдена“.

Очекува граѓаните кои живеат во Тетово да ја препознаат искрената понуда, за нивно добро.

На основачкото собрание во Тетово ја официјализиравте својата кандидатура за градоначалник на Тетово. Од градскиот плоштад порачавте дека ќе се борите за европско Тетово. Може ли да ни посочите неколку идеи како ќе го направите Тетово европски град? Од сите страни е затрупано со депонии, нема ниту вода, а во зимските периоди е секогаш на врвот на светските листи како најзагаден град?

-Тетово заслужува многу, Тетово не само што е оставено во милост на судбината, Тетово е оставено во раце на неспособни луѓе кои уништија се што можеа. Каде што допрела нивната рака, се е упропастено. Тоа не го велам јас, тоа го велат граѓаните. Само излезете еден обичен ден било каде во Тетово или во другите населени места кои што спаѓаат во оваа општина. Не треба да сте специjалист за да пронајдете стотици проблеми од секоја сфера. Како јас и мојот тим ќе го направиме Тетово европски град? Многу просто, решавајки ги проблемите со докажани практики од европски градови. Мојот тим, подолго време се обидува да пронаоѓа конкретни примери како ги решавале европските градови проблемите слични на нашите. Има само еден и единствен проблем. Многу европски градови имале еден или два проблеми, дали тоа се депониите, дивоградбите, сообраќајот во градот, осветлувањето, кучињата, парковите и зеленилото…, и др. Во Тетово ги има сите тие проблеми на куп. Ние сме ги детектирале, и имаме конкретни решенија – решенија што содржат и проекти, начин на реализација но и начин на финансирање. Доволно е излажан овој народ, нема да дозволам уште еднаш тоа да се случи.

Осум години градоначалник на Тетово е Теута Арифи од редовите на ДУИ. И минатите локални избори во 2017 година бевте нејзин противкандидат. Тогаш ги изгубивте изборите. Со што ќе ги придобиете тетовци на овие локални избори?

-Мојата кандидатура за Тетово не е само моја волја, тоа е волја на членството и на граѓаните за нешто кое ние го победивме, а ни беше одземено – украдено. Јас на минатите избори добив 17 000 гласови, и тоа се кажува. Никогаш не сум изгубил од Теута Арифи, таа има украден мандат и тоа не го тврдам само јас, туку цело Тетово. Јас немам што да се изборам против некого, тие што ми го одзедоа мандатот нека се мислат. Подршката овој пат е многу појака. Резултатот ќе биде уште по убедлив. Од друга страна мислам дека имам многу подобар, поквалитетен тим од сите мои противкандидати, и нашата понуда ќе биде конкретна, изводлива и практична. Тетовчани ќе можат да препознаваат која е искрена понуда за доброто на сите граѓани што живеат во Тетово.

За градоначалничкиот трон ќе се борат и кандидатите Вулнет Мурсели од Алијансата на Албанците, Сали Беџети од ДПА но, свој кандидат ќе има и СДСМ, тоа е докторот Хенди Алезовиќ. Какви се шансите во ваква силна конкуреција, да го освоите Тетово уште во првиот круг?

-Секако дека на овие избори има квалитетни кандидати. Не би сакал да навлезам во математики, но едно е сигурно. Сите кандидати сме и познати на јавноста во Тетово, и не е тешко да се процени кој што може. Нашите резултати покажуваат повеќе од тоа што го зборуваме ние, а граѓаните тоа го знаат и можат да го проценат подобро и од нас. Што се однесува до резултатот, тешко може да се прогнозира од сега. Но едно е сигурно, во следниот мандат БЕСА, јас и граѓаните, ќе управуваме со Општина Тетово, и на крај општината ќе се врати во служба на граѓаните.

СДСМ и ДУИ веќе најавија дека во многу општини ќе се поддржуваат меѓусебно уште во првиот круг на изборите, а во Скопје ќе имаат дури и заеднички кандидат. Каде сте вие во овие планови како трет коалициски партнер во власта?

-Нема да коментирам ставови на други партии. Со СДСМ сме во коалиција во централната власт и имаме многу добра соработка. Ние ја познаваме нивната структура од минатите избори и особено во Изборна Единица 6 соработувавме одлично и извадивме добар резултат, кој беше пресуден за добивањето на нов мандат на оваа Влада, а нашата улога беше максимална. Мислам дека премиерот Заев и СДСМ го направија најдобриот чекор во овие избори со тоа што во општините каде учествуваме со ДУИ да не заземаат страна.

Ќе го поддржите ли кандидатот за градоначалник на СДСМ, Петре Шилегов за Скопје, а за возврат да побарате поддршка во вториот круг на локалните избори за градоначалник на Тетово?

-Мислам дека одговорив на оваа прашање. Јас очекувам подршка од сите граѓани на Тетово уште од првиот круг. За мене е многу важно граѓаните на Тетово и Скопје да гласаат слободно за конкретни проекти, идеи, професионализам…, а не да бидат уценувани со разни уцени од минатото. Тетово и Скопје во следниот четири годишен мандат ќе бидат управувани од вистински професионалци, а гласачите на БЕСА и на СДСМ знаат да го направат вистинскиот избор.

До сега Движењето Беса објави само четворица кандидати, за Тетово, Гостивар, Теарце и Желино. Остантите кандидатури најавивте дека ќе ги официјализирате на партискиот конгрес на почетокот на септември. Кога јавноста ќе ги знае сите кандидати за градоначалници и советници на Беса?

-Ние ги објавивме повеќето кандидати, кандидат за Чаир е нашиот потпретседател и пратеник Кастриот Реџепи, во Струга познатиот професор Абдула Ќазими, во Врапчиште Сенат Амети, Теарце Даут Мемиши , Гостивар Фадил Зендели итн. Во поголемиот дел на општините ние имаме сериозни кандидати и очекуваме сериозни резултати. Имаме многу сериозни листи кои со сигурност ќе се изборат за добар резултат.

Какви локални избори очекувате и каде ќе биде најжестоката битка за локалната власт меѓу партиите од албанскиот политички блок?

-Не можам да предвидам какви локални избори ќе имаме. Нашите опоненти, особено во албанскиот политички блок, неколку пати во минатото покажале незрелост со нивните дејствија во предизборните кампањи и на денот на изборите. Можам да ви гарантирам дека БЕСА на овие избори ќе биде фер и конструктивна партија, и ќе се залага волјата на народот да биде на прво место. Меѓутоа, овој пат нема да дозволиме на никого да се постави над волјата на гласачите и ќе го браниме секој глас. Што се однесува на вториот дел од прашањето, во големите општини, со оглед на големата подршка што ја имаме од гласачите во Тетово мислам дека нашата победа не е спорна. Најтесно очекувам да биде Гостивар и Чаир. Очекувам победа на професорот Фадил Зендели и Кастриот Реџепи.

Б.Т.

Слични содржини