„Тесла“: Продажбата на автомобили произведени во Кина зголемена за 275 проценти

од Vladimir Zorba
387 прегледи

„Тесла“ значително го зголеми производството и извозот на електрични возила произведени во Кина и постави нов рекорд во нивната продажба минатиот месец, според кинеската асоцијација за индустрија за патнички автомобили (CPCA).

Според „РТ“, вкупниот обем на продажба на возилата на „Тесла“ во август, наводно, се зголемил за 275 проценти во споредба со истиот месец минатата година, на 44.264 единици, вклучително и 31.379 извезени автомобили. Во споредба со јули, продажбата беше зголемена за 29 проценти во август.

Во исто време, компанијата ја зголеми продажбата на кинескиот пазар минатиот месец, на 12.885 возила, наспроти 8.621 продадени единици во јули. Релативно ниското ниво на продажба во Кина се должи на фокусот на компанијата кон извозот.

Во јули, „Тесла“ го претстави поевтиниот модел Y со пократок опсег, произведен во Кина. Пониската цена го прави возилото квалификувано за државни субвенции за набавка на електрични возила, што дополнително ја намалува неговата цена на 42.600 американски долари, така што е речиси 20 проценти поевтино од моделот Y со долг дострел.

Претходно оваа година, Тесла објави дека ќе ја претвори својата гига-фабрика во Шангај во водечки центар за производство на автомобили.