Тридневна жалост поради пожарот во Тетово, знамињата на половина копје

од Берта Китинска
268 прегледи

Владата поради големата трагедија која се случи во Тетово во кај загинаа 14 лица прогласи тридневна жалост. Истрагата за случајот е во тек, а министерот за здравство Венко Филипче нагласи дека никој нема да биде изземен од одговорност.

Во ковид-центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти, преживеаните 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност.

– Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди, информираа вчера од Министерството за здравство и изразија сочувство до семејствата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа.

Со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од трагичниот пожар во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово, и во знак на сочувство со нивните семејства, Владата на вчерашната вонредна седница донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава.

За денови на жалост се прогласени вчера, денеска и утре, а за време на деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија ќе биде истакнато на половина копје.