Американската технолошка компанија Microsoft им порача на своите вработени дека на неодредено време го одложува нивното враќање во канцелариите во Соединетите држави се додека не биде побезбедно што се однесува до пандемијата на коронавирусот.
„Со оглед на неизвесноста околу КОВИД-19, се откажавме од обидот да предвидиме нов датум за целосно отворање на нашите американски канцеларии“, напиша Џаред Спатаро, потпретседател на компанијата, на блог пост.
Microsoft веќе го одложи планираното враќање на работа во канцеларија од септември на „не пред 4 октомври“, но сега вели дека повторното отворање нема да се случи следниот месец.
Компанијата вработува околу 181.000 луѓе, од кои 103.000 се во САД.
Microsoft ќе чека инструкции од јавните здравствени службеници за безбедно враќање, рече Спатаро, додавајќи дека потоа ќе им даде на вработените 30-дневен преоден рок да се подготват.
Минатиот месец, Microsoft рече дека ќе побара доказ за вакцинација од сите вработени, продавачи и посетители на своите простории во САД од оваа есен.
Технолошкиот гигант направи големи напори од почетокот на пандемијата да прилагоди голем број на софтверски производи за работното место на вработените кои работат од дома и заедно со оваа најава за одложено враќање во канцелариите воведе голем број на нови карактеристики на производот.
Хибридниот пристап, кој ќе им овозможи на вработените да ги мешаат оддалечените и канцелариските работи, е широко прифатен во технолошката индустрија, особено меѓу најголемите компании со највисоки плати.
Многу технолошки компании имаа планови да ги вратат вработените во просториите на почетокот на септември, но Apple, Google, Facebook, Amazon и се поголем број други компании веќе одлучија да почекаат до следната година.