Известувачот на Европскиот парламент за Црна Гора, Тонино Пицула, оцени дека устоличувањето на митрополитот Јоаникије, го надмина верскиот карактер и додаде дека не ја исклучува улогата на Србија во настаните во Цетиње.
Тој рече дека една година по парламентарните избори, тие не можат да бидат задоволни бидејќи Црна Гора покажува елементи на длабоко поделено општество.
Црковната церемонија на устоличување на митрополитот црногорско-приморски на Српската православна црква (СПЦ) Јоаникије се одржа на 5 септември во манастирот Цетиње, со бројни инциденти, десетици повредени и ангажман на силни полициски сили.
Пицула за телевизијата Нова М рече дека сите странски амбасади и меѓународни организации во Подгорица навреме предупредиле што може да се случи кога станува збор за устоличување на митрополитот Јоаникије, бидејќи тоа е „настан што ги надмина верските рамки“.
Како што додаде, Србија не може да се амнестира од настаните во Цетиње.
„Следиме еден вид притисок врз Црна Гора, што, се разбира, е во режија на Белград, и би рекол дека добар дел од одговорноста за ситуацијата во Црна Гора денес мора да се припише на Белград, особено на тој дел од црногорската политичка сцена со очигледно влијание на Белград и генерално кажано, политизирана црква и клерикализирана политика не можат да бидат промотори на идеите за кои формално се залагаат“, рече тој.
Пицула нагласи дека сите странски амбасади и меѓународни организации во Подгорица предупредија што може да се случи, но се уште нема договор внатре во куќата.
„Не зависи од меѓународната заедница да води политика во Црна Гора, таа мора да ја водат оние кои се избрани од народот, кои имаат одговорност да водат одредена политика, мислам, се разбира, не само владата, туку и опозицијата.Затоа, можноста за интервенција од ЕУ е крајно ограничена “, рече Пицула.