Истрагата за несреќата е во тек, болката и тагата во Тетово остануваат

од Берта Китинска
205 прегледи

Деновите за жалост поминаа, но болката за изгубените животи во пожарот во ковид центарот кој избувна во Тетово на 8 септември нема да исчезне.

Се чекаат германските експерти да истражат кои се причините за избувнување пожарот.

Од обвинителството тврдат дека не се пристигнати и се очекуваат да се приклучат на истрагата во следните неколку дена, а градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, изјави дека форензичарите се веќе тука. Освен полицајци кои го обезбедуваат објектот, на местото на несреќата денеска немаше други службеници…

-Моите информации се дека истрагите на лице место се завршени, во моментот се собира документација и се собираат сите изјави од очевидци и сведоци, за тоа да се комплетира. Исто така, дел од тимот е веќе и германскиот тим кој работи и кој е специјализиран за реконструкција на вакви настани, вели Теута Арифи.

Во меѓувреме модуларната болница во Тетово останува под полициско обезбедување 24 часа.

Од резултатите на истрагата ќе зависи и тоа дали премиерот  ќе ја прифати опонудената оставка на министерот за здравство Венко Филипче, но за опозициските партии тоа е неприфатливо.

Директни жртви на огнот се 14 лица, и една 20 годишна девојка која починала пред почетокот на пожарот. 12 лица се повредени, а според последните информации од лекарите, тие се во стабилна состојба.