„Балканот ќе жали за Ангела Меркел“

од Vladimir Zorba
286 прегледи

„Меркел претставува политика на Балканот што ги става интересите на германската економија и стабилност над демократијата“, проценува агенцијата ДПА.

Ханделсблат пишува дека регионот, сепак, ќе жали кога Меркел ќе се пензионира.

„На крајот од мандатот, федералниот канцелар патува во делот од Европа што Западот го занемари во последно време. Многумина се прашуваат дали ова е само проштална турнеја – или Меркел сака повеќе?“, пишува во анализата на водечката германска агенција ДПА.

Меркел во понеделник е во билатерална посета на Белград, по што ќе замине во Тирана, каде што ќе се сретне со сите шефови на држави или влади на Западен Балкан.

Официјален Берлин изјави дека посетата е посветена на „регионалната соработка“.
„Тоа е повеќе од претпазлив опис на планината проблеми што се собраа со текот на годините во Србија, Албанија, БиХ, Северна Македонија, Црна Гора и Косово. Германските дипломати во регионот велат дека канцеларката сака да се погрижи за државите од Западен Балкан на крајот на нејзиниот мандат,, можеби и да постави неколку патокази за следната германска влада“, пишува ДПА.

Изборите во Германија се на 26 септември, а по нив Ангела Меркел одамна ќе се пензионира. Посетата на Србија и Албанија е едно од нејзините последни патувања во странство.

ДПА додава дека официјално Србија и соседството имаат „европска перспектива“, но дека не напреднале далеку. „Има недостатоци практично насекаде – во различни форми: во областа на владеењето на правото, административна експертиза. Корупцијата и непотизмот цветаат. Независните медиуми и критичкото граѓанско општество се под зголемен притисок. Тука -таму владеат авторитарни тенденции“.

Наведувајќи дека занемарувањето на Балканот значи дека регионот станува еден вид шаховска табла за конфликтот меѓу Русија, Кина и Турција со Западот, агенцијата пишува дека канцеларката Меркел ужива голема репутација во регионот. „Вучиќ, кој раководи со својата земја се повеќе и повеќе автократски, ја опсипува канцеларката со највисоки пофалби. Другите водечки политичари во регионот ја ценат нејзината експертиза“.

Сепак, според ДПА, билансот на Ангела Меркел во регионот е „шарен“. Таа го започна Берлинскиот процес пред седум години, што резултираше со регионален форум за младинска соработка и укинување на роамингот.

„Во исто време, Меркел претставува политика на Балканот која ги става интересите на германската економија и стабилност над демократијата и владеењето на правото – модел што може да се види во нејзиниот воздржан однос кон Виктор Орбан, унгарскиот грешник кон владеењето на правото“.

„Вучиќ, нејзиниот домаќин во понеделникот, владее во Србија практично без противење. Критичарите велат дека неговите дипломати и разузнавачки служби ги поддржуваат српските сепаратисти во Босна и Црна Гора. Кон Берлин се претставува како гарант за стабилност, наводно им служи на германските интереси“, заклучува ДПА.

Весникот „Ханделсблат“ пишува дека крајот на ерата на канцеларката е „горчлив“ за Западен Балкан бидејќи тамошните земји „губат важна поддршка во Европската унија и сега се закануваат дека ќе останат во чекалницата уште подолго“.

„Бидејќи Франција, како една од најмоќните земји на ЕУ, се противи на напредокот во процесот на пристапување и привлекува се повеќе членови на своја страна. (…) Не е јасно дали следната германска влада ќе успее, како и Меркел, да влијае врз францускиот претседател Макрон и други земји од ЕУ, кои често го користат правото на вето за проширување. Кога кандидатите за канцелар Армин Лашет (ЦДУ) и Олаф Шолц (СПД) го посетија Макрон во Париз минатата среда и понеделник, европската интеграција на Балканот не беше меѓу темите“, потсетува весникот.

Ханделсблат заклучува дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ би била од „централен геостратешки интерес“.

Слични содржини