Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, денеска повтори дека нема алтернатива за дијалогот Белград-Приштина и дека во спротивно двете страни ќе останат „заглавени“ на својот пат кон иднината. Лајчак најави дека во среда ќе пристигне во тридневна посета на Приштина, по што ќе замине за Белград.
„Ова е моја редовна посета на регионот со цел да разговарам со лидерите како понатаму да напредуваат во процесот на дијалог“, рече Лајчак.
Тој нагласи дека во процесот на дијалог „секој знае што треба да направи во детали“, но исто така посочи дека мора да се најде рамнотежа помеѓу транспарентноста на процесот и заштитата на дијалогот, бидејќи се дискутирало за „многу чувствителни прашања“.
На видео конференцијата во Брисел посветена на дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Лајчак изјавил дека „Косово и Србија и целиот Западен Балкан се идни членки на ЕУ“ и дека сака да придонесе за пристапниот процес преку нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.
Тој го прокоментирал и македонско-бугарскиот спор.
– Се разбира дека ова има последици врз дијалогот и тие последици се негативни, фактот што Македонија не отвори преговори со ЕУ негативно го погоди кредибилитетот на ЕУ во регионот, јас со ова лично се соочив за време на моите посети и патувања, и нема да се подобри сѐ додека Македонија и Албанија не започнат со преговорите, изјавил специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан.
Тој додаде дека Европската Унија мора да го исполни ветеното кон оние земји партнери кои своите ветувања ги исполнија, како што е случајот со Македонија.