Полицијата во Капитол соопшти дека уапсила човек кој имал повеќе ножеви во својот камион паркиран во близина на Демократскиот национален комитет, седиштето на Демократската партија во Вашингтон.
Четириесет и четиригодишниот Доналд Крегхед, кој живее во американската држава Калифорнија, е уапсен под сомнение дека поседувал забрането оружје, пренесува „Гласот на Америка“.
Полициските службеници забележале бајонет и мачета во возилото, сечила чие поседување не е дозволено во Вашингтон.
„Тој ѝ рече на полицијата дека е на патрола и зборувал за расистичка идеологија и други теми поврзани со превласт на белите“, се вели во соопштението.
Се посочува дека осомничениот бил приведен кога припадниците на Специјалната полиција забележале камион без регистарски таблички, со нацистичка свастика и други симболи на таа идеологија во близина на седиштето на демократите.