Во рамки на денешната конференција на министрите за одбрана на Западен Балкан и Австрија, министерката Радмила Шекеринска имаше неформална средба со австриската колешка, Клаудија Танер. На средбата стана збор за соработката во одбраната и поддршката на Австрија во евроинтеграциите на Северна Македонија.
„Австрија е еден од гласните поддржувачи на регионот и на Северна Македонија што е навистина за голема почит. Нашите две земји соработуваат и на полето на одбраната за што се надевам дека во идниот период ќе имаме повеќе активности кои ќе ја унапредат нашата билатерална соработка. Одлично е што Австрија во континуитет испраќа сигнали на храбрење до регионот и до нашата земја, за што сме ви посебно благодарни“, рече Шекеринска.
Министерката посочи и дека поддршката од Австрија при неодамнешните пожари и во пандемијата даде уште една потврда дека двете земји одржуваат одлични односи и дека Австрија ги цени достигнувањата на Северна Македонија.
Двете министерки заклучија дека нашата земја постигна напредок кој ЕУ треба да го вреднува со отворање на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.
„Австрија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија. Тоа е важно не само за стабилноста на регионот, туку и за иднината на целата Унија. Нашите односи ќе продолжат да се развиваат низ дијалог и взаемно разбирање“, рече министерката Танер.
На вчерашната конференција на министрите за одбрана на Западен Балкан и на Австрија беше потпишана заедничка Декларација за јакнење на отпорноста на земјите од регионот и за засилување на стратешкиот дијалог во меѓусебните односи и во односите со ЕУ, со акцент на создавање на современо регионално лидерство.
Конференцијата се одржа во таканаречениот „Грац-формат“ воспоставен на состанокот во Грац во 2018 година меѓу нашата земја, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и Австрија во име на ЕУ.