Очекувам дека изборите ќе се одвиваат во ред, без пречки, особено сега кога МВР продолжи со печатење на личните документи со кои ќе може да се гласа на гласачките места. Увидот во избирачкиот список е завршен, а тоа го сториле 15 илјади граѓани, вели претседателот на ДИК Александар Даштевски, за Утрински брифинг.
Даштевски вели дека ДИК е подготвена да организира гласање и за луѓето кои ќе бидат во карантин или изолација на денот на изборите доколку се пријават за гласање еден ден порано.
-Изненаден сум од големиот број кандидати на овие локални избори. Има проценки дека ова е рекордна бројка кај нас. Главно станува збор за независни кандидати за градоначалници и независни листи. Но, штом ги собрале потписите ќе има натпревар, вели претседателот на ДИК.