Споредбата на последните макроекономски показатели од домашната економија со нивната проектирана динамика не покажува позначителни отстапувања во одделните сегменти од економијата.
По постојаниот годишен пад во претходните четири квартали, што е поврзано со појавата на пандемијата од ковид-19, бруто домашниот производ во вториот квартал од 2021 година забележа реален раст од 13,1% на годишна основа, соопштија од Народна Банка.
„Растот на БДП во вториот квартал во целост произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка, при негативен придонес на нето-извозот, што е во согласност со очекувањата. Во првата половина од годината беше остварен раст од 5,2%, што е речиси во целост во согласност со проекцијата на Народната банка од 5,4%. Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2021 година со кои се располага во моментов се делумни и се недоволни за согледување на состојбите во целина. Имено, податоците за јули покажуваат натамошен значителен реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, при извесно стабилизирање на движењата кај индустриското производство на годишна основа“, седодава во соопштението на НБ по одржаната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.