Едно семејство треба да издвои над 14000 денари за храна и пијалоци, велат од ССМ

од Nikola Popovski
267 прегледи

Синдикалната кошница за месец август 2021 година изнесува 34 342,00 а зголемена е за 214,00 денари во однос на претходниот за месец јули 2021 година, a доколку во семејството има еден ученик, синдикалната кошница за месец август 2021 година изнесува најмалку 42.342,00 денари, информираа од Сојузот на синдикати на Македонија.

Според нив, најмногу пари треба да се одвојат за храна и пијалоци, 14.633 денари, за домување 10.818 денари.

-За лична хигиена 2.382 денари, а за превоз минимум се потребни 2.529 денари. За култура 1068 денари и за здравје 736 денари. Анализите на ССМ покажува дека трошоците за живот континуирано се зголемуваат, а платите стагнираат, велат од таму и додаваат:

-Посебен товар за граѓаните односно на едно четиричлено семејно домакинство овој месец е и почетокот на учебната година за кој според податоците кои се официјално достапни и изнесени во јавност, родителите треба да одвојат најмалко по околу 8 000,00 денари по дете кое посетува настава во основно или средно училиште.

ССМ потенцира дека ако само просечната плата расте, а минималната плата стагнира односно минимално се усогласува без да бидат прифатени забелешките на синдикатите, ќе имаме тренд на осиромашување на граѓаните.

-Поради се по евидентното зголемувањето на цените, очигледно е дека НИ ТРЕБА ПЛАТА ЗА ЖИВОТ со која ние како работници без да се грижиме за нашата егзистенција ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница со само една плата, стои во соопштението.

Слични содржини