Претседателката на Косово, Вјоса Османи, тврди дека Србија е таа што дејствувала еднострано од 2016 година и дека ги крши договорите од Брисел, а не Косово.
Османи на Фејсбук ја повика Европската унија да изврши притисок врз Владата на Србија „веднаш да престане со провокациите на Косово и злоупотребата на граѓаните за политички цели“.
„Косово денеска целосно ги имплементираше договорите потпишани во Брисел, кои Србија ги игнорираше и продолжува да не ги спроведува“, напиша Османи, реагирајќи на барањето на ЕУ Белград и Приштина да ги смират тензиите поради новата ситуација во северно Косово и Метохија поради воведување на мерките за реципроцитет.
Таа оцени дека мерките за реципроцитет во однос на регистарските таблички не може да се сметаат за еднострано дејствување, туку за дејствување во согласност со потпишаните договори, кои, како што наведе, треба да ги побара и ЕУ.
Османи, исто така, тврди дека „илегалните српски структури“, кои, како што наведува, се финансирани од Србија и добиваат наредби од Србија, „преземаат дејствија што не само што ги прекршуваат бриселските договори, туку и ја загрозуваат безбедноста на граѓаните и стабилноста на регионот ”
„Според непроменет рецепт од минатото, Србија ги користи српските државни институции за да ја загрози нашата земја“, тврди Османи.
Таа додаде дека ниту еден вид закана од Србија нема да ја спречи Приштина да го спроведе законот во согласност со меѓународните обврски, и во корист на сите граѓани, без оглед на етничката припадност.
„Одлуката на косовската влада да спроведе реципроцитет со Србија на регистарските таблички на возилата беше донесена поради истекот на договорот помеѓу 2011 и 2016 година за слобода на движење на двете земји. Таа беше донесена и имплементирана на сите гранични премини, освен на два премини на север, каде што Владата на Србија и илегалните структури таму ги злоупотребуваат локалните Срби “, тврди Османи.