Белата куќа објави дека милиони вработени во сите федерални институции мора да се вакцинираат против КОВИД-19 до 8 декември и дека администрацијата ќе вметне клаузули во сите идни договори со владата што ќе бараат вакцинација.
Американскиот претседател Џо Бајден на 9 септември потпиша извршен декрет со кој се бара задолжителна вакцинација на вработените во федералните институции, но многу американски компании кои имаат договори со федералните институции чекаат официјални упатства од Белата куќа.
Заменик-директорот за управување и буџет на Белата куќа, Џејсон Милер, на својот блог напиша дека „упатствата објавени денес промовираат една од главните цели на планот заснован на наука: да се вакцинираат што е можно повеќе луѓе“.
Милер рече дека политиката за вакцинација на вработените „ќе го намали отсуството од работа, како и трошоците за работна сила и ќе ја подобри ефикасноста на изведувачите и подизведувачите кои вршат работи за федералната влада“.
Официјален претставник на администрацијата соопшти дека барањата за вакцинација се толкуваат „нашироко“, тврдејќи дека ги вклучуваат сите, а не само оние што работат во федералните згради.
Стив Кејс, адвокат во компанијата „Кинг и Спалдинг“, специјализирана за владини договори, очекува уредбата да влијае на десетици милиони американски работници.
На пример, ако федерален вработен оди да работи во друга канцеларија во компанијата, тогаш вработените во таа друга канцеларија исто така ќе треба да се вакцинираат, иако не работат на договор за владата.
„Пипците (прописите) се далекусежни. Бројот на оние што ќе бидат опфатени е огромен “, рече Кејс, објави Ројтерс.
Претходно овој месец, Белата куќа објави дека сите федерални вработени мора да бидат вакцинирани најдоцна до 22 ноември.
Минатата недела, Raytheon Technologies Corp., главен снабдувач на воена опрема и производител на ракети Томахавк, побара од сите 125.000 американски вработени да бидат вакцинирани.