Утревечер се отвора меѓународната изложба „Гледај тука сум без простор“ во МСУ

од Vladimir Zorba
326 прегледи

Во 20 часот, во трите галериски простори на Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена меѓународна изложба со наслов „Гледај тука сум без простор“ (See me moving placeless).

Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова, кои селектираа 40тина дела од севкупната уметничка колекција (249 дела) со која располага Дојче Телеком, во чие депо се наоѓаат прогресивни, современи уметнички дела на повеќе од 70 автори од преку 20 земји од источниот и југоисточниот дел на Европа.

Уметничката колекција на Дојче Телеком е иницирана во 2010 година со намера да колекционира современи дела од уметници од Источна и Југоисточна Европа, кои даваат приказ на состојбите, социјалните и политичките промени по падот на Железната завеса. Овие уметници го искусија процесот на општествениот пресврт и преку сопствената биографија. Тие се современи сведоци на драматичните големи и многу мали промени што општествата ги доживеале во последните три децении. Колекцијата се состои од дела кои се разновидни во медиумот во кој се работени, почнувајќи од цртеж до дигитални инсталации.

„Намерата на изложбата е преку поврзување на естетиката и политиката да предложи нов наратив за регионот и да го редефинира начинот на перцепција на некогашните ситуации во нови прилики, кои поставуваат нов контра-распоред во културата“, велат Гаќина и Попова.

Ќе бидат изложени дела од уметничкиот колектив “Словени и Татари”; Дан Пержовски, Хортенсија Ми Кафчин и Ципријан Мурешан од Романија; Ева Котаткова, Чешка; Петрит Халилај и Флака Халити од Косово; Агњешка Полска, од Полска; Младен Стилиновиќ, Србијa; Јасмина Цибиќ, Словенија; Даница Дакиќ и Шејла Камериќ од Босна и Херцеговина; Игор Грубиќ, Сања Ивековиќ, Марко Тадиќ и Владо Мартек од Хрватска; Лучезар Бојаџиев, Недко Солаков, Мартина Вачева и Правдољуб Иванов од Бугарија; уметничко дуо „Мала Варшава“ од Унгарија; Алевтина Какиџе и Володимир Кузнецов, Украина; Нилбар Гуреш и Бенгу Карадуман од Турција.

Меѓу современите автори, во колекцијата на Дојче Телеком, се дела и од двајца исклучителни македонски уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска, чии дела ќе бидат вклучени во изложбата на МСУ.

По самостојна изложба на Јане Чаловски, во 2010 година, во галеријата „Жак Браницка“ во Берлин, насловена како „Опсесивно опкружување“, дел од неговата инсталацијата уште тогаш е откупена и станала дел од колекцијата на Дојче Телеком.

Делото е критика на недостатокот од јавна достапна архива и модуси на јавна и критична перцепција кон она што го знаеме како модерен развој на Скопје. Поточно, суштината за урбанистичкиот план изготвен во 1965 година од страна на јапонското архитектонско студио „Кензо Танге Асосиејтс“ за обнова на Скопје. Планот на Танге кој никогаш не бил целосно реализиран е обележан со несовпаѓањата помеѓу утопијата за град испланиран на хамер и вистинската потреба на населението. Делото се заснова на фотографии и материјал од сосема опустошената архива на сега веќе поранешниот Завод за урбанизам и архитектонско планирање во Скопје.

Кураторите на уметничката колекција, Натали Хојос и Реиналд Шумахер, години наназад ја следеле и уметничката практика на Христина Иваноска. Трите нејзини дела, кои ќе бидат изложени утревечер во МСУ се дел од колекцијата на Дојче Телеком. Две од нив се цртежи од серијата „La Mystérique (The Path of Grace)“ создадени во 2014 година. Третото дело е парче волнен филц на кое се извезени две реченици со црн и црвен конец. Едната инспирирана од изјава на славната италијанска архитектка Лина Бо Барди која гласи: „Уметникот не е граѓански слуга“, и цитат од францускиот филозоф Мишел Фуко кој вели: „Историјата е она што ги трансформира документите во споменици“. Ова дело Иваноска го изработи во 2013 година, а за првпат беше претставено на 56. Биенале во Венеција во Павилјонот на Р.С. Македонија, кога заедно со Јане Чаловски се претставија со поставката „Ние сите сме сами во ова“ во 2015 година.

Изложбата ќе биде отворена до 21 ноември 2021 година.

Отворањето ќе се одржи според пропишаните актуелни владини мерки во услови на пандемија што подразбира приложување на сертификат за вакцина.

Слични содржини