Тухел: Не знам зошто игравме лошо

од Vladimir Zorba
365 прегледи

Тренерот на Челси, Томас Тухел изјави дека не знае зошто неговиот тим не одиграл добро во поразот од Јувентус во Лигата на шампионите.

Како што вели, биле подготвени.

„Бевме малку бавни и уморни, бавни во донесувањето одлуки. Затоа ми е чудно да анализирам. Имавме слободен ден, а потоа два добри тренинзи. Бевме целосно изострени, изгледавме свежи и гладни и бевме подготвени“, рече Тухел, објави Скај.

Актуелниот европски шампион Челси загуби синоќа во Торино од Јувентус со 0:1, во второто коло од Лигата на шампионите, а единствениот гол го постигна Федерико Киеза 10 секунди по почетокот на второто полувреме.

На прашањето зошто Челси одигра лошо, Тухел одговори: „Не знам зошто“.

„Сините“ на тој начин го претрпеа вториот последователен пораз, по поразот од Манчестер Сити во Премиер лигата викендов.

Челси имаше повеќе од 70 проценти посед на топка, но само еден удар во рамките на голот во Торино.

„На ова ниво, не смеете да примите ваков лесен гол, во првите секунди од второто полувреме. Кога знаете што се подготвува и ја организирате одбраната, најчесто е можно да се одбрани. Сега бевме казнети за тоа. Тешко е да се воспостави ритам против тим кој се брани длабоко. Ние се браневме длабоко против Сити, поради што имаа потешкотии да создаваат шанси, а истото важеше и тука во Торино. Но, разликата е во тоа што ние им дадовме две големи шанси“, рече Тухел.

Јувентус успеа да запише три победи во сите натпреварувања, од кои две во Серија А, по што излезе од зоната за испаѓање.

„Морнарите секогаш го наоѓаат својот начин да излезат од бурата. Игравме добро против европските шампиони. Можевме да одиграме технички подобро, но се мачевме малку и пропуштивме неколку шанси во контранападите. Два натпревари, шест бода, без примен гол, уште еден чекор кон втората фаза, добар и важен чекор“, рече тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри.

Јувентус е прв во групата Х со сите шест бода, Челси и Зенит имаат по три, а Малме е без бодови.

Во третото коло, Јувентус ќе игра против Зенит во Санкт Петербург на 20 октомври, а Челси ќе се сретне со Малме на Стемфорд Бриџ.

Слични содржини