Поранешниот француски претседател Никола Саркози е прогласен за виновен за нелегално финансирање на изборната кампања. Тој беше осуден на една година затвор, а казната може да ја отслужи дома со електронски надзор.
Саркози (66), кој ги отфрли обвиненијата на судењето, не се појави на изрекувањето на пресудата.
Тој е обвинет дека потрошил околу 22,5 милиони евра за изборната кампања во 2012 година, двојно повеќе отколку што е дозволено со закон. Саркози ги загуби тие избори од Франсоа Оланд.
Обвинителот побара една година затвор за Саркози и шест месеци условно.
Обвинителот изјави дека Саркози неколку недели пред изборите знаел дека трошоците за неговата кампања, кои се строго ограничени според францускиот закон, се блиску до законскиот максимум. Тој го обвини дека игнорирал две предупредувања од сметководителите за ова прашање.
Саркози, заедно со 13 други обвинети, му се судеше во аферата „Бигмалион“ под обвинение дека потрошиле десетици милиони евра во кампањата, и дека ангажирале ПР компанија по која беше именувана аферата, со цел да се прикријат нелегални трошоци.
Обвинителството изјави дека Саркози не ја организирал шемата за измама, туку дека бил свесен за тоа, пренесуваат француските медиуми.
Поранешниот француски претседател нема веднаш да ја отслужи казната, бидејќи има право да поднесе жалба на оваа пресуда. Неговиот адвокат, Тиери Ерзог, рече дека ќе поднесе жалба на пресудата.
Саркози беше осуден во март на три години затвор за злоупотреба на службената положба, од кои една година беше затвор и две години условно.