Независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски, вчера во дебатната емисија на Клан телевизија на тема за локалните избори со кандидатите за градоначалници за Куманово, порача дека концептот „На наше Куманово“ планира да продолжи во рамки на можностите, да се развива и гради општината како во изминатите 4 години.
„Куманово беше една од најзадолжените општини во Македонија. Сега е финансиски стабилна, вративме долгови од околу 11ипол милиони евра, а на сметка има 4 милиони евра. Редовно ги плаќаме давачките и редовно си ги подмируваме обврските. Куманово заслужува нови зелени површини, актуелниот градски парк во Куманово го трансформираме во современ, нов модерен смарт парк, а веќе работиме и на таа локација. Следува уште еден парк на локацијата Проевце, нови урбани паркови во сите поголеми населби. Третиот урбан парк во населба Тоде Мендол и како што ја нарекуваат граѓаните Диво населје, има еден чист простор кадешто планираме изградба на нов, чист парк. Дополнителни шеталишта, детски катчиња, 5 нови кружни токови по урнекот на оној на влезот на градот којшто веќе го направивме“, рече Димитриевски.
Во дебатната емисија, тој истакна општината од државата добива многу малку пари и за тоа се борат сите актуелни градоначалници.
„Несвојствено е да правиме анализа за противпожарни возила и набавка на противпожарни возила уште пред 3 години во износ од 50 илјади евра, бидејќи проценивме дека староста е некаде ’67, ’68ма година на возните паркови кои ги имаме, а владата влегува во набавка на возила, а не набавува противпожарни возила. И ни се случуваат цело лето пожари, ни изгоре цела Македонија, дополнително сочувство до семејствата во Тетово, не е убаво да го кажам тоа, но ни изгореа и живи луѓе, ниту има одговорност и сите само бегаат од одговорност и никој не профаќа политичка одговорност. Се даваат нереални ветувања на граѓаните кои не се издржани бидејќи нема човек којшто може во 4 години да ги реши сите тие проблеми во Куманово. Јас едноставно најдобро го знам. Не постои можност. Само со реални издржани програми можеме да изнајдеме начин како да ги реализираме проектите врз база на заклучоците кои ги даваат граѓаните“, истакна Димитриевски.