Ислам: Не е реалистично да се очекува полноправно членство на Западен Балкан во ЕУ во догледна иднина

од Vladimir Zorba
537 прегледи

Шада Ислам, една од највлијателните жени во бриселските кругови и долгогодишна експертка за надворешна политика на ЕУ во разговор за МИА се осврнува на посетата на претседателката на Европската Комисија на Западен Балкан, иднината на проширувањето и големите предизвици пред кои е исправена Европската Комисија.

Според Ислам, Западниот Балкан не треба да се надева на брзо приклучување кон Европската Унија, но смета дека е време двете страни да излезат со храбри и креативни решенија во нивното партнерство.

Во интервју за МИА вели дека „не е реалистично да се очекува полноправно членство во догледна иднина“.

– Таргетот 2025 година што се даваше е магично размислување. Проширувањето е долг и болен процес и видовме сега со Косово и Србија, има толку многу нерешени прашања, а во Брисел постои загриженост за темпото на реформи. Мислам дека е време да се престане со магичното размислување, но го разбирам товарот за ЕУ, ова е ситуација со двајца губитници, но мислам дека она што ни треба е некаков брејнсторминг за креативни политички решенија. Да престанеме да сонуваме и да бидеме реални за тоа што може да се направи. Никој не е подготвен да оди по тој пат поради сите предизвици и дадени ветувања, но мислам дека е време да размислиме како понатаму, додека чекаме, и продолжуваме да се надеваме дека ќе се оствари членството во ЕУ за сите шест земји. Самата ЕУ е недовршена работа, не е линеарен прогрес како што видовме и со Брегзит. Сметам дека креативноста е интересно прашање, а тоа бара политичка зрелост од страна на самиот регион, но и сериозна интелектуална инвестиција од страна на ЕУ за да видите како ќе поттикнете стабилност, реформи, интеграција, без да дадете целосно ветување за проширување, вели таа.

Слични содржини