Муцунски: Се соочуваме со рекорден број на нарачки на возила, но неспорен е и застојот во испораките

од Vladimir Zorba
2,1K прегледи

Застојот во испораката на возилата  како прва видлива последица од  глобалниот проблем  со недостиг на микрочипови не го заобиколи  македонскиот пазар.Рокот на испорака, кој во зависност  од производителот се продолжи на дополнителен период од неколку месеци , па се до една година, спротивно на очекувањата  не само што  не влијаеше врз побарувачката, туку неколкукратно ја зголеми.

Во разговор за „Локално“. генералниот директор на Порше Македонија  д-р Златко Муцунски посочува дека сите брендови на Групацијата Volkswagen бележат глобален рекорден раст и во бројот на испорачани возила во првата половина од годината и во бројот на нарачките во однос на минатата година.

„ Ние се соочуваме со рекорден број на нарачки на возила, но неспорен е и застојот во испораките на возилата, поради глобалниот проблем со полу-проводници. За специфични нарачки по структура и обем, кај различните брендови, во моментот е реално да се очекуваат за два до шест месеци подолги рокови на испорака од вообичаените. За останатиот, најголемиот дел од барањата на купувачите, времето на чекање е исто или до 3 месеци подолго“, вели Муцунски.

Според него, конечно решение на проблемот со испораките може да се очекува некаде на пролет бидејќи во периодов сите производители на чипови забрзано го прошируваат своето производство. Во однос на стравувањата дека е можно поскапување на автомобилите со оглед на  недостигот на чипови, но и поради зголемената цена на сировините во Порше Македонија посочуваат дека Volkswagen  исклучително многу води сметка да се заштити од ценовните шокови од страна на снабдувањето , но и дека „Групацијата не исклучува и нужна мерка за прилагодување на цените како резултат на глобалната паника за компоненти“.

Продажбата на автомобили на најголемите европски пазари- Германија, Франција, Велика Британија и Италија за август 2021 година покажуваат пад од 15 -25%,зависно од земјата, споредено со август 2020 година. Веќе 4 месеци по ред намалена е продажбата и во Кина. Каква е состојбата во Македонија, односно како Порше како еден од најголемите импортери на возила кај нас се соочува со оваа ситуација?

-Продажбата анализирана преку бројот на испорачани возила во последните месеци е намалена заради актуелниот глобален недостиг на полу-проводници, или многу поедноставено кажано – микрочипови. Индустријата не успеа да се справи со неочекуваната огромна побарувачка на автомобили по завршувањето на првите бранови на Пандемијата. Од друга страна, сите брендови на Групацијата Volkswagen бележат глобален рекорден раст и во бројот на испорачани возила во првата половина од годината и во бројот на нарачките во однос на минатата година и покрај предизвиците во синџирите на снабдување. Истото важи и за нашиот пазар. Ние се соочуваме со рекорден број на нарачки на возила, но неспорен е и застојот во испораките на возилата, поради глобалниот проблем со полу-проводници.

Audi и Volkswagen мораа да им соопштат на  околу 19.000 свои вработени да останат дома поради проблемот со недостатокот на чипови. Имајќи предвид дека токму овие  се дел од марките  автомобили кои се продаваат во вашите салони, дали имате проблем со доцнење на испораката?

-Останувањето дома, или попрецизно – оптимизацијата на употребата на човечките ресурси согласно тековните можности – е еден од многуте аспекти на краткорочното менаџирање во услови на забавена достава на компоненти од добавувачите. Како најголема глобална автомобилска групација со преку 660.000 вработени, ние и да сакаме, не можеме да останеме изолирани од актуелните текови што ги засегаат буквално сите играчи во браншата. Малкуте чипови на пазарот, сега сите производители ги алоцираат кај возилата каде што имаат најголема профитна маржа, па така Porsche и Audi се многу помалку засегнати од проблемот во однос на останатите брендови. Секаде во светот, па и на нашиот пазар се бележат случаи со доцнење на испораките. Меѓутоа, со транспарентна комуникација со нашите клиенти успеваме да се справиме со предизвиците.

Колкав е рокот во кој потрошувачот може да очекува испорака на автомобил од вашите салони? Колку во просек е зголемен периодот на чекање?

-За специфични нарачки по структура и обем, кај различните брендови, во моментот е реално да се очекуваат за 2 до 6 месеци подолги рокови на испорака од вообичаените. За останатиот, најголемиот дел од барањата на купувачите, времето на чекање е исто или до 3 месеци подолго. Производителите на микро-чипови интензивно се консолидираат и очекуваме ситуацијата набрзо да се нормализира.

Очекувањата на производителите на автоделови беа дека третиот квартал ќе покаже подобрување, но реалноста покажа дека состојбата овие три месеца е полоша и од претходните. Имајќи предвид дека македонскиот пазар за продажба на возила  е мал, дали и кога може да се очекува нормализирање на ситуацијата?

-И во третиот квартал темпото на интензивни порачки и побарувачката на возила во светот не спласнаа. Напротив – системите на глобалните автомобилските производители се преполни со порачки и производството на компоненти не може да ги следи. Сите производители на чипови забрзано го прошируваат своето производство, па затоа очекуваме релаксирање на состојбата. Конечно решение на проблемот со испораките може да се очекува некаде на пролет.

Покрај Audi  и Volkswagen, глобалното производство на автомобили го намали и Toyota, General Motors, Ford, Nissan, Daimler, BMW, Renault. Дали може да се очекува поскапување на цената на автомобилите, особено на новите модели, особено ако се има предвид дека покрај недостигот на чипови, важен фактор е и зголемувањето на цената на суровините за изработка на автомобили како и транспортот?

-Прилагодување на цените неминовно има. Volkswagen како најголема глобална групација исклучително многу води сметка да се заштити од ценовните шокови од страна на снабдувањето и до сега успева корекциите на цените да ги сведе на ниво на редовната инфлација на еврото. Сепак, Групацијата не исклучува и нужна мерка за прилагодување на цените како резултат на глобалната паника за компоненти.

Дали во новонастанатата ситуација потрошувачите повеќе се одлучуваат за половни возила?

-Во принцип не. Половните автомобили во меѓувреме процентуално поскапеа и десеткратно повеќе од новите. Купувачите што сакаат да купат ново возило многу тешко се пронаоѓаат во употребувано. За компаниите кои имаат свои флоти – тоа пак не е ниту предмет на дискусија. На крајот на краиштата, големи се шансите клиентите веќе да имаат свое половно возило – своевремено купено како ново. Зошто би го смениле концептот на набавка на возила заради неколку месеци потребно чекање?

За осум месеци од годинава, електричните и електрифицираните возила се попродавани во Европа од обичните возила. Каква е состојбата кај нас, дали Македонците се одлучуваат за ваков тип возила?

-Освен во неколку Европски земји, сеуште не се попродавани. Но трендот е јасен и иднината е електрична. Многу производители на автомобили се обврзаа да ја спроведуваат т.н. зелена агенда и до 2030 година да произведуваат значително повеќе електрични возила отколку возила со мотори со внатрешно согорување. И токму на ова поле Volkswagen Групацијата дефинитивно ќе ја одигра својата најголема улога и ќе ја одреди иднината на автомобилите која ќе биде главно електрична, додека мал број на возила кои се икони на автомобилскиот свет (како на пример Porsche 911), ќе се движат на синтетичко гориво кое во моментот интензивно се развива. Нашите купувачи се познати по брзо прифаќање на новите трендови. Ние во Порше Македонија секогаш имаме актуелна понуда. Со задоволство можеме да кажеме дека Македонците почнаа да ги препознаваат предностите на електричните возила и ние нив ги испорачуваме во континуитет. Нашите планови за испораки на вакви возила за тековната година се практично остварени. За следните години се подготвуваме за зголемена побарувачка. Иднината е електрична и отпорот кон таквата иднина е залуден.

К.В.С.

 

Слични содржини