Атанасовски: И во наредните 30 години на локалните избори ќе ги слушаме за патче, асфалтче, паркче

од Берта Китинска
718 прегледи

На Скопје ми е потребен градоначалник кој евизионер и менаџер. Човек кој освен тековните, би рекол нормални активности кои еден градски татко треба да ги прави, асфалтирање на сообраќајници, пробивање на нови улици, мостови….и ред други работи кои се подразбираат, градоначалникот треба да има визија каков град сака да проектира за во иднина, и таа визија да ја преточи. Не е важно од која фела доаѓа, битно е да е капацитетен да ги создаде овие можности. Бидејќи токму тоа, Скопје е град на можности, но за жал досега неискористени, токму од неинвентивноста, инертноста и би рекол незаинтересираноста на претходните градски татковци, да го претворат во модерен европски град, привлечен и за странски туристи, но препознатлив по нешто свое автентично , вели во интервју за „Локално“,Благојче Атанасовски, Магистер по политички науки на Правен факултет во Скопје, чија специјализација се политичките односи на Големите сили кон македонското прашање.

Според него сите „независни “ политички опции се прашање колку навистина тие се независни во својата вистинска смисла на зборот.

-Повеќе се изнудени опции кои поради свои разно-разни политичко-лични причини се вклучиле во битката за главниот град, одошто со верба и намера дека навистина ќе победат. Кај нас, и граѓаните се тие кои се традиционално врзани за еден од доминантните два политички блокови, што дополнително ги демотивира и независните да веруваат дека може да направат чудо и да победат, смета аналитичарот.

Атанасовски  тврди дека и после триесетгодишно практицирање на повеќепартиската демократија, партиите се уште не се научени да прават дистинкција помеѓу локални, парламентарни и претседателски избори.

Најголемите партии на локалните избори настапуваат во коалиции. Оваа година има 12 кандидати за градоначалник на главниот град, но има ли шанса, според она што досега го гледате, битката за Скопје да заврши и овој пат во првиот круг? 

-Најверојатно не. Скоро секогаш во главниот град имало втор круг, со исклучок на минатите локални избори кога актуелниот градоначалник Петре Шилегов, победи во првиот круг, освојувајќи, минимално над потребните 50% + гласови. Овој пат, имаме дванаесет кандидати, партиската разлика меѓу владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, не е толку драстична за да се случи „чудо“, за да имаме победник уште во првиот круг. Без претенциозност, сите очекувања се дека во вториот круг ќе влезат и за најважниот трон на овие локални избори, прв човек на главниот град,  ќе се борат актуелниот кмет  Петре Шилегов, номиниран од СДСМ, и „независната“ кандидатка , поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска. Можеби клучни освен етничкоалбанските гласови во вториот круг, ќе бидат и збирот на гласовите кои ќе отидат на контото на Петар Георгиевски-Камиказа, поддржан од Левица, Бени Шаќири поддржан од коалицијата ЛДП-ДОМ, но и гласовите на Ана Петровска, кандидатка на „Зелен хуман град“. Ќе видиме во вториот круг, дали гласачите кои ќе го дадат гласот за овие кандидати, ќе апстинираат, или сепак дел од нив ќе излезат и својот глас ќе го дадат за некои од фаворитите на овие избори во градот Скопје. Тоа може да биде и пресудно, при евентуална голема изедначеност во првиот круг.

Каков градоначалник му треба на Скопје некој кој веќе има искуство со водење на градот или можебл лик кој е препознатлив од други области од општествениот живот, а не толку од политиката? 

-Визионер и менаџер. Човек кој освен тековните, би рекол нормални активности кои еден градски татко треба да ги прави, асфалтирање на сообраќајници, пробивање на нови улици, мостови, паркови, грижа за зеленилото и негово облагородување, решавање на сообраќајниот хаос, и ред други работи кои се подразбираат, градоначалникот треба да има визија каков град сака да проектира за во иднина, и таа визија да ја преточи. Односно, да има замисла во делот на културата, инфраструктурата, мобилноста, отвореноста, туристичката понуда, урбанистичкиот хуман развој, се до создавањето на една додадена вредност во поттикнување на спортот и спортските активности, како принцип на создавање на еден град на „ здрави, среќни и исполнети“ граѓани. Не е важно од која фела доаѓа, битно е да е капацитетен да ги создаде овие можности. Бидејќи токму тоа, Скопје е град на можности, но за жал досега неискористени, токму од неинвентивноста, инертноста и би рекол незаинтересираноста на претходните градски татковци, да го претворат во модерен европски град, привлечен и за странски туристи, но препознатлив по нешто свое автентично.

Сметате ли дека револтот и разочараноста на граѓаните од големите партии е причина за најголема конкуренција од страна на незавизни политички опции? 

-Да, но и тие „независни “ политички опции е прашање колку се независни во својата вистинска смисла на зборот. Повеќе се изнудени опции кои поради свои разно-разни политичко-лични причини се вклучиле во битката за главниот град, одошто со верба и намера дека навистина ќе победат. Кај нас, и граѓаните се тие кои се традиционално врзани за еден од доминантните два политички блокови, што дополнително ги демотивира и независните да веруваат дека може да направат чудо и да победат. Се чувствуваат како обични статисти во најголемата битка на локалните избори. Земете го примерот на хрватскиот главен град Загреб, кога на последните избори победи кандидат на токму таква независна „граѓанско-зелена-модерна“ опција, како противкандидат на кандидатите од двете доминантни хрватски партии ХДЗ и СДП. Но загрепчани го избраа за свој прв човек. Тоа е дел и од еманципираноста на гласачкото тело, за кое очигледно е, дека сме далеку да направиме таков „подвиг“, како некогашните наши сограѓани од бившата СФР Југославија.

На овие избори ниту една партија од албански блок нема свој кандидат за градоначалник на Скопје. Иако големите партии ќе поддржат македонски кандидати, зошто мислите дека тоа е случај? 

-Претдоговор меѓу условно кажано етничкомакедонските политички партии (СДСМ со ДУИ/БЕСА/ДПА) и ( ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса за Албанците и Алтернатива), за да не се „горат“ гласовите. Затоа ВМРО-ДПМНЕ нема свој кандидати во Тетово и Струга, додека СДСМ, поради комплексноста на ситуацијата, т.е повеќе етноалбански коалициски партнери, не може во првиот круг да даде отворена поддршка некому, бидејќи, иако се владини коалициски партнери на централно ниво, ДУИ и БЕСА се конкуренти за Тетово, ДУИ и ДПА за Студеничани, односно секаде етничкоалбанските партии во општините каде што живеат мнозинство Албнаци, си номинираа свои кандидати за градоначалничката функција. Локалната самоуправа кај нас, е структурна и финансиска база за секоја политичка партија, па затоа е многу важна за секоја партија, и оттука сите партии си влегуваат со свои (пре)сметки на секои локални избори. Ќе видиме, како ќе се прелеат гласовите од ВМРО-ДПМНЕ кон АА и Алтернатива, бидејќи за нивното гласачко тело ова е прв пат создадена ваква коалиција, на фонот на настаните од 27 ми април и претепувањето на лидерот на АА Зиадин Села. Кај СДСМ со своите коалициски партнери тоа би одело полесно бидејќи и во минатото, тие имале таква соработка. Особено кога станува збор за гласачките тела на социјалдемократите и на „интегративците“ од ДУИ.

Дали сметате дека реториката на партиите на локалните избори е всушност подготовка за предвремени парламентарни избори? 

-Кај нас, и после триесетгодишно практицирање на повеќепартиската демократија, партиите се уште не се научија да прават дистинкција помеѓу локални, парламентарни и претседателски избори. Па така, се ветува се и сешто: покачување на плати  и пензии, нови вработувања на предизборни митинзи на локални избори, но и асфалтирање на улици на парламентарни. Тоа е потценување на интелигенцијата на македонскиот електорат. Се повеќе во јавноста прострујува информацијата дека напролет се можни нови предвремени парламентарни избори, се разбира доколку политичките констелации и сили на теренот тоа го дозволат или го изискуваат. Сепак, доколку победи опозицијата макар со еден глас повеќе на советничките листи, тоа ќе биде отворен и бришан простор за предвремени избори, бидејќи премиерот Заев ќе има нужда од реобновување на својот легитимитет на централно ниво. Доколку победи власта, тогаш парламентарните избори на пролет би биле повеќе во насока, Заев да си обезбеди уште еден нов четиригодишен мандат нанесувајќи уште еден дополнителен пораз на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот евентуален тогаш лидер Христијан Мицкоски.

Од аспект на презентација на кандидатите и нивната реторика пред граѓаните, како ги оценувате досегашните настапи на кандидатите? Гледате ли различно нешто или тоа се „едните те исти тактики“? 

-Ништо нов под сонцето, македонско. Дури се чувствуваме како да ни се преповторуваат истите вординзи, реторички ветувања, истите фрази од претходните избори. Обвинувањата за неспособност, криминал и неработење се пропратни, некое генерално ветување за булевари, зеленило, нови паркови се пропратни работи во устите на кандидатите и толку. Како што напоменав погоре, ниту еден, или речиси сите со чест на исклучоци, немаат визија,немаат замисла, цел и патоказ како ја гледаат, проектираат и како ќе ја исполнат таа своја голема идеа како слика, да биде „создадена“ една нова општина/град, која ќе ги нуди сите можности за едно урбано живеење на граѓаните, но и  ќе претставува своевидна целина во која граѓаните ќе ги реализираат своите лични и професионални животи. За жал, гледаме дека се уште голем број општини кај нас се соочуваат со елементарни проблеми, кои во Европа се решени во 19-тиот и 20-тиот век: канализација, асфалтирање на улички, уредување на паркчиња, реконструкција на градинки и училишта. Далеку сме ние од визионерство, веројатно и во наредните 30 години на локалните избори ќе ги слушаме истите работи: патче, асфалтче, паркче и слични ми ти смешни работи за увото на еден гласач во држава која претендира да стане членка на економски најбогатиот и најразвиен клуб Европската Унија.

Ќе имаат ли лажните вести и овој пат голем удел во тоа кој колку гласови ќе освои? Некои партии успеаја да привлечат големи (незадоволни) маси на своја страна на тој начин и да диктираат одредени текови, како на пример „не отворајте врата за попис“… 

-Јас сум најголем противник на тие т.н fake news, бидејќи ја навредуваат интелигенцијата на гласачите, и си подигруваат со нив. За жал, по едно релевантно истражување македонските граѓани заедно со турските се на врвот од скалата како најголеми верувачи на лажните вести, односно најлесно се фаќаат на таа мамка и јадица. Оттука да не не чуди дека се повеќе обиди за лажни вести ќе има во виралниот етер (социјалните мрежи), но освен нивно навремено детектирање, откривање и сузбивање, не гледам друг начин за борба против нив, бидејќи се уште не се регулирани во доменот и сферата на кривично-правните односи. Што се однесува до вториот дел од прашањето, „агендата и политиката на тие некои партии“, за неотварање врата за попишување на населението на штотуку завршениот попис ги сметам за субверзивни дејанија кои ја поткопуваат државноста на Македонија, бидејќи станува збор за законска статистичка операција која како воздух и беше насушна и потребна на нашата земја, после 20 години. Искрено сум задоволен и среќен што „обидите“ не фатија корен, и пописот веќе успешно се реализираше, што значи граѓаните не подлегнаа толку на манипулативните повици на маргинални партии, кои во залетот на својот рејтинг, сакаат преку катастрофични операции да го зголемат својот гласачки потенцијал, и политички да поентираат од една операција, која ни под разно не смее да биде политизирана и партизирана.

Б.М.

Слични содржини