Курц: Ако оставиме вакуум на Балканот, Турција и Кина ќе го пополнат

од Vladimir Zorba
460 прегледи

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, посочува дека на Западен Балкан се уште мора да му се понуди кредибилна пристапна перспектива. Тоа, вели Курц, е од суштинско значење за безбедноста и стабилноста на Европа. Утре и задутре ќе учествува на неформалниот Совет на ЕУ на Брдо кај Крањ, каде Западен Балкан ќе биде една од главните теми.

Австрискиот канцелар ја поздрави одлуката на неговиот словенечки колега Јанез Јанша, како претседател на ЕУ, да организира специјален самит за Западен Балкан.

„Сметам дека е исклучително важно шефовите на држави и влади на ЕУ, заедно со нивните колеги од регионот, да разговараат за Западен Балкан. Ние ја поддржуваме Словенија во тоа. Ние мора да продолжиме да му нудиме на регионот кредибилна перспектива за пристап и да ги поддржиме масовно во реформските напори“, подвлече Курц.

Тој нагласи дека ЕУ, од друга страна, мора да ги исполни своите ветувања.

„Ова е исклучително важно бидејќи се грижиме за безбедноста и стабилноста во Европа. Ако оставиме вакуум на Балканот, другите земји, како што се Турција и Кина, ќе го пополнат“, предупреди Курц.

Слични содржини