Денес, 4 октомври 2021 година, вршителот на работите во Амбасадата на Република Северна Македонија во Москва, Оливера Чаушевска Димовска беше повикана во Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, каде и беше врачена Нота за прогласување персона нон грата на наш дипломат – втор секретар, соопштија од МНР.
„Одлуката на руското министерство за надворешни работи, за протерување на дипломатот кој неодамна беше делегиран во Руската Федерација, преставува возвратна политичка одлука без никаков мериторен основ. За претходното протерување на рускиот дипломат од Северна Македонија беа доставени евидентирани докази за негово дејствување во спротивност на Виенската конвенција за дипломатски односи. Оттука, денешниот потег на руската страна е во целост неоснован и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите меѓу двете земји“, додаваат оттаму.
Во амбасадата во Москва останува да ги обавува своите обврски вршителот на работите, а наскоро ќе биде упатен и новиот Амбасадор акредитиран за Руската Федерација кој ги помина сите чекори за упатување.