Бугарија за „Пандорините документи“: Ги истражуваме информациите за српскиот министер за финансии

од Nikola Popovski
552 прегледи

Прво треба да ги проучиме информациите од „Пандорините документи“, а потоа сигурно ќе има реакција, соопштиле од бугарскиот Совет на министри во врска со меѓународната истрага, која открива како светските политичари ги користеле даночните раеви за лична корист, објави БГНЕС.

Во истражувањето на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ) се вклучени двајца бугарски политичари, како и името на актуелниот министер за финансии на Србија, Синиша Мали, поради неговите бројни луксузни имоти во Бугарија, кои ги водат офшор компании.

Во 2015 година, новинарска истрага откри дека Синиша Мали купил 24 луксузни апартмани во бугарското црноморско одморалиште Свети Никола, за вкупно околу 5 милиони евра. Мали рече дека објавата е лага и призна дека купил само еден дом, кој бил регистриран на негово име.

Српскиот претседател Александар Вучиќ долго време ги бранеше своите блиски соработници од какви било сомневања за корупција и рече дека има целосна доверба во неговиот министер за финансии.

Според Пандорините документи, сепак, Синиша Мали поседува станови и две офшор компании. Мали ги купил домовите во 2012 и 2013 година, кога бил економски и финансиски советник на Александар Вучиќ, заменик -премиер на Србија во тоа време.

Меѓу оние кои имаат корист лично од офшор компании се украинскиот претседател Влодимир Зеленски и поранешниот британски премиер Тони Блер.

На листата се и кралот Абдула II Ибн Хусеин од Јордан, кенискиот претседател Ухуру Кениата и неколку десетици други сегашни и поранешни светски лидери, како и влијателни милијардери поврзани со компании кои користат даночни раеви.

Слични содржини