Дали со потегот на Уставниот суд, Варшава најави излегување од ЕУ?

од Vladimir Zorba
379 прегледи

Одлуката на полскиот Уставен суд во Брисел ја чекаа уште од лето – и се плашеа од таа одлука. Меѓутоа, пресудата донесена во четвртокот (7.10), според која договорното право на ЕУ не е во согласност со полскиот Устав, предизвика огорченост кај европските институции и практично во сите табори на Европскиот парламент (ЕП). Бидејќи, одлуката на судот се зема речиси како почеток на „Полегзит“, односно пат без враќање кон напуштање на ЕУ.

Уставниот суд во Варшава објави дека одредени делови од европското право не се во согласност со домашниот Устав. Ова првенствено се однесува на правото на ЕУ да интервенира поради закана за владеењето на правото во нејзините членки, што е случај со Полска.

„Фактот дека Варшава ги потпиша европските договори не значи дека го предаде својот правен суверенитет во рацете на ЕУ“, заклучи судот, пишува ДВ.

Полска наскоро без пари и право на глас?

Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли рече дека таквата одлука нема да остане незабележана. „Приматот на правото на ЕУ мора да биде неспорен“, напиша тој. „Ја повикуваме Европската комисија да ги преземе неопходните чекори“.

Европската комисија, која е на потег како чувар на европските договори, објави дека пресудата, која засега е објавена само усно, сугерира проблеми во превласта на европското право, како и овластувањата на Европскиот суд во Луксембург.

Комисијата „нема да се двоуми да ги користи опциите од европските договори“, објави надлежниот комесар Дидие Риндерс. Ова може да значи дека постапката базирана на член 7 од европските договори, која со години се влече против Полска, конечно ќе биде забрзана. Доколку се утврди сериозна повреда на владеењето на правото, оваа постапка може да резултира и со одземање на гласот на Варшава во рамките на ЕУ.

Како што се слуша во Брисел, досега, со сите средства беше избегнат отворен политички судир. Но, сега нема каде да се оди, бидејќи пораката на полскиот Уставен суд беше поздравена како објава на војна. Полска долго време беше цел на критики за спорните закони, особено откако владејачката конзервативна Партија на правото и правдата (ПиС) го контролира судството.

„Тешко е да се поверува кога владата на ПиС тврди дека не сака да ја напушти ЕУ. Го прават токму спротивното. Сега е доволно“, напиша Џерон Ленарс, кој ја претставува најголемата парламентарна група на Европската народна партија во судскиот комитет на ЕП. „Со прогласување на европските договори за некомпатибилни со полското право, нелегитимниот Уставен суд ја поведе земјата кон „Полегзит“.

Критичарите ги обвинуваат полските власти за назначување на политички подобни судии во Уставниот суд. Овој закон, кој беше донесен од владејачкото мнозинство на ПиС, и според кој се менуваат судиите, е отфрлен како незаконски во неколкуте пресуди на Европскиот суд во Луксембург.

Дали е ова легално поведување на член 50?

Европратеникот Ленарс, исто така, рече дека Европската комисија мора да ги искористи сите инструменти за да не ги поддржи „автократите во Варшава“. Ова алудира на можноста за одземање пари на Полска од заедничката сметка. Брисел веќе ги „замрзна“ специјалните средства од огромниот фонд за економско закрепнување по пандемијата.

„Ако не постои правна заедница во ЕУ, тогаш таа се распаѓа“, рече Јенс Гајер од социјалистичката парламентарна група во ЕП. Полска има две опции: да го адаптира полскиот Устав на европското право, или ќе мора да ја напушти ЕУ“.

„Одлуката на Варшава е првенствено шлаканица за полските граѓани“, рече Сергеј Лагодински од парламентарниот клуб на Зелените.

Иако полскиот премиер Матеуш Моравиецки постојано негира дека неговата земја планира да ја напушти ЕУ, некои експерти по европско право велат дека одлуката на Уставниот суд е практично најава за разделба. Зашто, ако приматот на европското право се одрече како еден од темелите на ЕУ, тогаш може да се протолкува како активирање на членот 50, кој предвидува можност за напуштање на ЕУ, вели професорот по европско право Франц Мајер. „Значи, тие или ќе напуштат или ќе го менуваат полскиот Устав“.

Професорот Рене Репаси вели дека никогаш досега национален суд на земја -членка на ЕУ не презел толку голем чекор кон легален излез од Европската унија.