„Одлучно за промени” од Ресен: Граѓаните ќе бидат вклучени во донесувањето на сите одлуки

од Vladimir Zorba
320 прегледи

Сакам нашата Преспа да ја направиме поубаво место за живеење на сите. За мене вклучувањето на граѓаните во донесувањето на одлуките на локално ниво е еден од главните приоритети за којшто ќе се залагам, рече кандидатката на движењето „Одлучно за промени” на ЛДП и ДОМ, Весна Миркова.

– Еднаквоста и еднаквите можности без било какви поделби е она што навистина искрено води напред кон прогрес и посреќна општина и секако посреќни граѓани. Време е во фокусот на водењето на општината да бидат граѓаните и нивните интереси, а не интересите на партиите и на одредени поединци. Недостатокот на квалитетни инфраструктурни решенија, решавање на проблеми од комунална природа повеќе зеленило и чиста животна средина се врвен приоритет за мене, рече таа.

Миркова посочи дека на прво место се решавање на проблемите со водоснабдувањето, фекалната канализација со ископи на нови бунари и со замена на азбестите цевки, потоа јавниот превоз за сите рурални средини на Преспа.

– Отпадот мораме да почнеме да го селектираме, рециклираме и складираме во соодветни контејнери. Тој е процес кој не е лесен затоа што за жал сеуште немаме вистинска култура и свест за здравата животна средина и нејзиното значење. Развивањето на свеста за чиста животна средина мора да ја започнеме уште од најмладата популација преку градење на вредносен систем за формирање на идни еко свесни генерации. Развојот на туризмот никако не може да се замисли ако го изгубиме нашето најубаво Преспанско езеро кое за жал последниве години се повеќе ни бега, дополни таа.

– Секој нареден градоначалник наместо да се учи од грешките на претходниот станува полош од него. Со еден збор никој нема право да си игра со достоинството на овој мој преспански народ и дека ние ќе бидеме тука до нив 24 часа од денот и сите заедно ќе ги решаваме заедничките проблеми бидејќи така сме најсилни. Господ на Преспа и дарил се ние треба тоа да го искористиме и да и возвратиме, порача носителот на советничката листа Гоце Саљамовски.

Лидерот на партијата ЛДП, Горан Милевски истакна дека овие локални избори нема да се гласа за политичка партија туку за личности со конкретни проекти.

– Граѓаните за нас треба да бидат на прво место и затоа овие луѓе нема да се водат од личниот интерес, ниту најмалку од партискиот интерес на ЛДП и на ДОМ туку тие имаат за задача на граѓаните да им понудат поквалитетно живеење во Ресен, што значи развој на туризмот и повеќе средства за граѓаните, потенцираше Милевски.

Вечерва караванот продолжува со две промоции и тоа на кандидатот за градоначалник на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш и Фатиме Османовска носителка на листа за советници во Советот, како и на кандидатката за градоначалник за Општина Аеродром Билјана Ѓореска-Аврамоска и носителот на листа за советници во Советот на Општината Андреј Крстевски на локација Паркот на светлината, придружени од лидерите на партиите и предлог градоначалникот на Град Скопје Арбен Бени Шаќири.