782 македонски граѓани примиле трета доза вакцина против коронавирус. Властите им дозволија на сите граѓани да добијат трета доза од почетокот на неделата.
Во саботата и во петокот аплицирани се вкупно 4.418 дози вакцини, од кои 1.132 се аплицирани како прва доза, 3.129 се ревакцинирани, а 157 граѓани примиле трета доза вакцина, соопштија од Министерството за здравство.
Заклучно со 9 октомври вкупно се вакцинирани 795.186 граѓани, а ревакцинирани се 748.563.
Според здравствените власти, 53% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
-Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47% , а со две дози опфатени се 45% од граѓаните над 18 години, пишува во соопштението од здравство.
Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.
-Десет лица починаа од ковид-19 во изминатите 24 часа и потврдени се 316 нови случаи од направените 3.846 тестирања, додава Министерството за здравство.
Тројца од починатите се од Куманово (32, 72 и 77 години), по двајца од Охрид (59 и 64) и Свети Николе (66 и 68) и по еден од Крива Паланка (88), Берово (74) и Скопје (69). Сите се починати во болнички услови.
Согласно Регистерот на умрени лица од ковид-19 од Мој термин, пријавени се уште четири починати лица од периодот меѓу 13 и 17 септември: две од Гостивар и по едно од Куманово и Ресен на возраст од 46 до 68 години.