ЖОРЖИЊО ВАЈНАЛДУМ во последниот преоден рок како слободен играч бираше помеѓу неколку европски великани. Тој беше најблиску до потпис со Барселона, но на крајот одлучи да замине во ПСЖ.
Тој очекуваше да одигра важна улога во средниот ред на францускиот тим, но засега холандскиот играч за врска е во втор план. Признава дека е тажен поради тоа.
„Не можам да кажам дека сум целосно среќен, ова не е ситуацијата што ја сакав. Сепак, ова е фудбал и ќе мора да научам да се справувам со тоа. Јас сум борец и морам да ги свртам работите во моја корист. Секогаш е загрижувачки кога не играш, особено затоа што јас играв постојано во претходните години“, рече 30-годишниот Вајналдум.
Тој досега настапи на 11 натпревари за ПСЖ, но се уште чека гол или асистенција. Во последните пет натпревари во лигата, тој само еднаш стартуваше од првата минута бидејќи тренерот Маурисио Почетино им дава предност на Марко Верати и Идриси Гуаје.