Актуелниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, минатиот викенд поради казната стартуваше од 11-та позиција во трката за Големата награда на Турција и ја заврши трката на петтото место. Седумкратниот шампион не беше задоволен од стратегијата на својот тим и го изрази своето незадоволство од радио комуникацијата.
Валтери Ботас победи во Истанбул, а Макс Верстапен го престигна Хамилтон на првото место во генералниот пласман – возачот на Ред Бул сега има шест бода повеќе од Британецот.
„Никогаш не очекувајте да бидам љубезен и смирен преку радиото додека се тркам. Сите сме страсни во жарот на борбата и можеме да кажеме се, што се однесува на возачите“, рече Луис Хамилтон, зборувајќи за трката во Турција.
„Моето срце и дух се на патеката, таа ревност ме доведе до позицијата во која се наоѓам сега. Мојот гнев брзо беше заборавен – разговаравме за тоа, расчистивме се и едвај ја чекам следната трка. Не е точно да се каже дека бев лут на мојот тим, туку на ситуацијата. Сите ние се обидуваме да ја направиме најдобрата можна стратегија, и како напредува трката треба да донесувате одлуки, и многу фактори се присутни и постојано се менуваат. Во Истанбул, ние ризикувавме мислејќи дека патеката ќе се исуши, но тоа не се случи. Сакав да ризикувам до крај и да се обидам да ја завршам трката без да одам во боксот, но ми се јавија да ми кажат дека нема да работи. На крајот, ја избравме најбезбедната опција“, рече возачот на Мерцедес.
Формула 1 шампионатот продолжува на 24 октомври со трката за ГН на САД во Остин.