НБ: Инфлациските движења се умерено повисоки од проекцијата

од Vladimir Zorba
305 прегледи

На 12 октомври 2021 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика, се вели во соопштението.

На седницата е оценето дека постојното ниво на основната каматна стапка е соодветно на тековните економски и финансиски услови, при што беше одлучено таа да остане на нивото од 1,25%, а износот на благајнички записи којшто ќе се понуди да остане во износ од 10 милијарди денари. На седницата беше оценето дека во отсуство на притисоци од страната на побарувачката, умерените нагорни придвижувања на инфлацијата засега произлегуваат од фактори на страната на понудата. Оттука, засега не се оценува потреба од монетарна реакција на овие ценовни движења, но ќе продолжиме внимателно да ги следиме.

Споредбата на последните макроекономски показатели од домашната економија со нивната проектирана динамика не покажува позначителни отстапувања во одделните сегменти од економијата. Бруто домашниот производ во првата половина од годината оствари раст од 5,2%, што е речиси во целост во согласност со проекцијата на Народната банка од 5,4%. Високофреквентните податоци коишто се расположливи за третиот квартал од 2021 година главно упатуваат на натамошен годишен раст на економската активност, но поумерен, во споредба со високиот годишен раст забележан во вториот квартал. Имено, податоците за периодот јули ‒ август покажуваат високи годишни стапки на раст кај прометот во вкупната трговија и угостителството и минимален пад кај индустриското производство. Во однос на извршените градежни работи, податоците за првиот месец од тримесечјето засега упатуваат на пониски остварувања, но треба да се има предвид и изразената променливост на движењата по месеци кај градежната активност.

Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари ‒ септември, во просек годишниот раст на цените изнесува 2,8%. Во овој период, позначителен придонес кон растот се забележува од категориите на домашните цени коишто се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со пренесениот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемиската криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки. Оттука, се оценува дека ценовните притисоци засега главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, без поголеми притисоци од побарувачката. Остварувањата кај инфлацијата се нешто повисоки од очекувањата, што заедно со нагорните ревизии кај увозните цени укажува на ризици за умерено повисока инфлација од стапката на инфлација од 2,2% проектирана за оваа година. Притоа, нагласена е неизвесноста и променливоста во движењето на светските цени на примарните производи, а пред сѐ на енерегенсите, во следниот период.

Девизните резерви и понатаму се на соодветното ниво и во сигурната зона. Во третиот квартал од 2021 година е остварен откуп на девизи од страна на Народната банка согласно со поволните движења на девизниот пазар, беше отплатена еврообврзницата издадена во 2014 година и беа распределени 160 милиони евра од специјалните права на влечење од страна на ММФ. На збирна основа, растот на девизните резерви од почетокот на годината е нешто повисок од очекуваниот според априлските проекции. Во периодот јули ‒ август 2021 година, трговскиот дефицит е повисок од очекуваниот за третиот квартал од годината, додека податоците за менувачкото работење укажуваат на повисоки нето-приливи кај приватните трансфери од очекуваните за третиот квартал од 2021 година.

Движењата во рамките на монетарниот сектор и натаму се солидни, а согласно со првичните податоците за септември 2021 година, вкупните депозити се на нивото на проектираниот годишен раст, додека вкупните кредити се над нивото проектирано за третиот квартал на 2021 година, според априлската проекција.

На девизниот пазар во септември имаше повисока нето-побарувачка за девизи од корпоративниот сектор, при засилување на економската активност и раст на цените на енергенсите на глобално ниво, а во помал дел и заради исплатата на дивиденди. Банките во целост ја задоволија нето-побарувачката за девизи од сопствените девизни средства, но и од солидните приливи на ликвидност во странска валута од менувачниците и физичките лица, којашто беше околу нивоата во истиот период 2019 година. Во такви околности, Народната банка не интервенира на девизниот пазар.

Во септември, водечките централни банки во глобални рамки продолжија со спроведувањето експанзивна монетарна политика, а некои од нив најавија можност за постепено намалување на износот на ликвидност којшто се внесува преку програмите за квантитативно олеснување. Во такви околности, на меѓународните финансиски пазари, цените на државните обврзници во еврозоната и во САД и натаму опаѓаат (нивните приноси бележеа раст), а вредноста на американскиот долар се зголеми.

Општо земено, велат од НБ, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега главно макроекономските показатели се движат во согласност со очекувањата. Закрепнувањето на економијата е речиси во целост во согласност со проекцијата, монетарните движења се нешто подобри од проекцијата, остварувањата кај девизните резерви се умерено подобри од проекциите, а инфлациските движења се умерено повисоки од проекцијата, главно произлегувајќи од увозни фактори на страната на понудата. Сепак, неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму се присутни. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици и соодветно ќе реагира.

Слични содржини