САД се заканија дека ќе применат воена сила против Иран доколку таа земја продолжи да произведува нуклеарно оружје.
– Вашингтон смета дека дипломатското решение е најдобриот начин да се спречи Исламската република да стане нуклеарна сила, за дијалог се потребни двајца и досега не видовме дека Иран е подготвен да разговара, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен на заедничката прес-конференција со израелскиот колега Јаир Лапид во Вашингтон.
Блинкен одговарајќи на прашањето за евентуална употреба на сила, истакна дека САД „се подготвени да се свртат кон други опции доколку Иран не го промени правецот” и ќе бидат разгледани сите можни решенија.
– Кога велам „други опции”, мислам дека на сите им е јасно за што станува збор, нагласи американскиот државен секретар.
Шефот на израелската дипломатија Јаир Лапид беше уште појасен во име на еврејската држава, која долго време е против договорот од 2015 година, сметајќи дека е недоволен.
Министерот за надворешни работи на Израел пристигна во Вашингтон со намера да побара од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден „заменски план Б” во случај на дипломатски неуспех.