Пропагандните медиуми во Северна Кореја ја фалат хит серијата „Squid Game“ на Нетфликс, наведувајќи дека ја открива реалноста на јужнокорејската капиталистичка култура каде „корупцијата и неморалните измамници се секојдневие“.
Севернокорејската веб -страница „Arirang Meari“ цитира неименувани јужнокорејски филмски критичари кои велат дека „Squid Game“ покажува „општество на нееднаквост каде луѓето без пари се третираат како шаховски фигури за богатите“, пренесува Ројтерс.
Јужнокорејската серија за луѓе во долгови кои се натпреваруваат за вредна парична награда во смртоносни верзии на игри за деца, за кратко време стана глобален хит и најгледана содржина на стриминг услугата Netflix.
„Серијата ја открива тажната реалност на бруталното јужнокорејско општество што ги води луѓето до екстремна конкуренција и бришење на нивната човечност“, се наведува на веб-страницата од Северна Кореја.
Ројтерс потсетува дека репресивниот режим во Северна Кореја воведе строги казни за граѓаните кои уживаат во јужнокорејската поп -култура или користат сленг на своите јужни соседи.
„Squid Game“, сепак, не е првото јужнокорејско достигнување што доби јавен благослов од Пјонгјанг. Филмот оскаровец „Паразит“ од 2020 година беше оценет во севернокорејските медиуми како ремек-дело што „остро ја открива реалноста“ за разликата меѓу богатите и сиромашните во Јужна Кореја.