Еден од најдобрите возачи на денешната Формула 1, Макс Верстапен, е под критики во јавноста поради коментарите што ги имаше за неговата девојка Кели Пике, ќерка на поранешниот трикратен светски шампион Нелсон Пике и поранешната сопруга на рускиот возач Данил Квјат.
Во видео разговор со фановите, актуелниот лидер на шампионатот, меѓу другото, беше прашан што е најдоброто купување во неговиот живот, а коментарот предизвика многу реакции.
„Мојата девојка“, рече Макс Верстапен со насмевка, што предизвика бурни реакции.
Фановите на Интернет бараат казна за Макс Верстапен за овој коментар и сакаат осуда за овој сексистички испад, а некои отидоа дотаму што предложија Ред Бул да го отпушти возачот кој оваа сезона се бори за шампионската титула и има добри шанси да ја запре доминацијата на Луис Хамилтон.
Остануваат уште шест трки до крајот на сезоната во Формула 1, а сезоната продолжува следниот викенд во САД. Ќе се вози на патеката во градот Остин, Тексас, а Макс Верстапен ќе ја брани водечката позиција во шампионатот.
Моментално има 262,5 поени, шест повеќе од Луис Хамилтон.