По неодамнешната средба меѓу американскиот државен секретар Ентони Блинкен и високиот претставник на ЕУ Џозеф Борел, САД и Европската унија се договорија за дополнително зајакнување на нивниот заеднички ангажман на Западен Балкан, како поддршка на напредокот на регионот на европскиот пат, САД соопшти Стејт департментот.
Во соопштението на Стејт департментот, меѓу другото, се нагласува важноста на дијалогот со посредство на ЕУ, кој е „клучен механизам за решавање на сеопфатна нормализација на односите“ меѓу Белград и Приштина.
„По последните недели на тензии во северно Косово, ги охрабруваме двете страни да се вклучат во континуирана и одржлива деескалација и да избегнуваат дејствија што ја загрозуваат стабилноста“, се вели во соопштението.
Од таму , исто така, нагласија дека ги поздравуваат и поддржуваат напорите на Приштина во борбата против корупцијата и организираниот криминал и повторија дека „насилството врз цивили, новинари, полиција или други власти е неприфатливо“.
Во соопштението се нагласува и целосна поддршка за процесот на проширување на ЕУ.
„Приемот во ЕУ, кој е приоритет за целиот Западен Балкан, помага во консолидација на демократските институции, заштита на основните права и промовирање владеење на правото. Овој регион припаѓа на Европската унија. Поблиската интеграција ќе ја подобри стабилноста и ќе придонесе за просперитетот на луѓето во регионот. Пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија треба да започнат без одлагање“, се вели во соопштението.
Стејт департментот понатаму наведува дека САД и ЕУ се обединети во „цврста поддршка за територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, како и во заедничката работа за унапредување на изборните и уставните реформи и одржувањето на функционалноста на нејзините државни институции“.