Холивудскиот актер Алек Болдвин ја убил директорката на фотографија Халина Хачинс за време на снимањето на вестерн во Ново Мексико во САД, кога пукал од пиштол, пишува „Њујорк тајмс“. Режисерот на тој филм Џоел Соуза е ранет во овој бизарен инцидент.
Инцидентот се случи за време на снимањето на вестернот „Rust“ во областа Санта Фе, изјави портпаролот на полицијата Хуан Риос.
Риос изјави дека трагедијата се случила за време на снимање или проба на сцената на ранчот „Бонанcа Крик“.
Полицијата разговара со членовите на филмската екипа за да утврди како биле застрелани двете лица за време на снимањето.
„Се обидуваме да утврдиме каков вид на проектил е користен“, рече Риос. Според него, канцеларијата на шерифот не поднела обвинение против никого во врска со пукањето.
Директорот Соуза е префрлен во болницата Крист Сент Винсент во Санта Фе и се уште не се знае во каква состојба е.