По страшната трагедија што се случи на снимањето на филмот „Рѓа“, Алек Болдвин постојано повторувал дека не му е јасно зошто добил наполнет пиштол во рацете.
„Зошто добив наполнет пиштол во рацете?!“, повторувал цело време холивудскиот актер по страшната трагедија на филмскиот сет, при која со пиштол ја уби директорката на фотографија Халина Хачинс и го рани режисерот Хоел Соуза.
42 -годишната Хачинс почина кратко откако актерот ја застрела на ранчот Бонанца Крик во Ново Мексико, а режисерот на филмот Соуза беше примен во болница со повреди, по што беше пуштен на домашно лекување. Очевидци на трагедијата за американските медиуми изјавија дека Болдвин бил вознемирен по пукањето, и на почетокот не му било јасно што се случило.
Набргу потоа, светските медиуми пуштија фотографии на кои 63-годишниот Болдвин телефонира пред полициската станица во солзи.
„Господинот Болдвин доброволно се пријави да разговара со инспекторите и замина откако разговараше со нив“, изјави Хуан Риос од Канцеларијата на шерифот за „Гардијан“.
Бројни познати актери и вработени во филмската индустрија се огласија на социјалните мрежи по трагичниот настан на снимањето на филмот „Рѓа“. Сите пишуваа дека смртта на Халина била апсолутно застрашувачка, а режисерот Џејмс Ган признал дека еден од неговите најголеми стравови бил некој да биде фатално повреден на неговиот сет.
Против актерот засега не е покренато обвинение, а во тек е полициска истрага и утврдување на сите околности.